Благодарение на брзата реакција и координираното постапување на Министерството за здравство (МЗ), Владата, Службата за општи и заеднички работи и медицинските тимови, пациент од Скопје со сериозна повреда на ’рбетниот мозок е безбедно транспортиран од Турција и примен на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ, информира МЗ.

Пациентот, како што посочуваат, се здобил со повредата при несреќен случај на тобоган, за време на одмор во турското летувалиште Кушадаси. На 23 јули му била извршена хируршка интервенција во локална болница, каде што бил задржан на лекување до неговото пренесување во земјава.

-Имајќи ја предвид сериозноста на повредата и препораката на лекарите од Турција, Министерството за здравство веднаш се вклучи во координацијата на надлежните институции и здравствените установи. Во соработка со Владата и Службата за општи и заеднички работи беше организиран воздушен медицински транспорт со владин авион. Оваа сложена медицинска операција претставува пример за значењето на навремената и ефикасна институционална координација кога се работи за заштита на животот и здравјето на граѓаните, соопшти МЗ.

Министерството за здравство, се посочува во соопштението, беше во постојана комуникација со вклучените институции и медицинските тимови, со цел пациентот безбедно и во најкраток можен рок да биде пренесен во земјава и да му се обезбеди продолжување на лекувањето.

-Поради сериозноста на повредата и потребата од брз и безбеден транспорт, од колегите беше побарано пациентот да биде пренесен по воздушен пат. Благодарни сме на Министерството за здравство, Владата и Службата за општи и заеднички работи за навремената реакција и поддршката во реализацијата на транспортот, изјави директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски.

Во Турција беше испратен стручен медицински тим предводен од раководителката на КАРИЛ, д-р Марта Тренева. Тимот го презеде пациентот и обезбеди континуирана медицинска грижа и надзор во текот на целиот транспорт до Скопје.

Пациентот е успешно пренесен и сместен на одделот за интензивно лекување при Клиниката за ТОАРИЛУЦ, каде што ќе продолжи неговиот третман.

-Пациентот е во здравствена состојба која бара интензивно лекување. Медицинската документација е разгледана, а хируршката интервенција извршена во Турција е оценета како соодветно и стручно спроведена. Повредите на ’рбетниот мозок се вбројуваат меѓу најсериозните повреди и бараат внимателно следење, мултидисциплинарен пристап и долготраен третман, истакна д-р Мерџаноски.

Во следниот период ќе бидат направени дополнителни испитувања, по што ќе биде утврден натамошниот тек на лекувањето и рехабилитацијата. Во зависност од здравствената состојба на пациентот, предвидена е и физикална терапија во спиналниот центар во земјава.

Министерството за здравство останува посветено на обезбедувањето навремена, достапна и квалитетна здравствена грижа за секој граѓанин. И во овој случај, институциите покажаа дека со брза реакција, стручност и заедничко дејствување можат ефикасно да одговорат и во најсложени здравствени ситуации.