Во срцето на италијанскиот југ, во регионот Базиликата, на рабовите на еден стрмен кањон, кој мајсторски со прецизност на врвен уметник го извајала реката Гравина, се издига Матера, градот од камен во кој времето како да застанало и како минатото никогаш да не станало сегашност. Градот е стар повеќе од 9.000 до 10.000 години или еден од најстарите постојано населени градови во светот и најстар град во Италија.
Матера не е обичен град, таа како и палимпсестите, стари ракописи на пергамент напишани врз истружениот текст, како да е бајка пишувана ракопис врз ракопис, но на камен, врз кој секоја генерација оставала свој белег. Она што некому е кров на куќата, на други им е под или улица. Иако денес Матера е синоним за убавина, нејзиното поблиско минато е исполнето со темнина. До средината на минатиот век во пештерите издлабени директно во варовничките карпи без струја, проточна вода или канализација, цели семејства живееле заедно со својата стока во исклучително нехигиенски услови. Но, по падот во длабока социјална мизерија, напуштеност и заборав, следува нејзиниот триумфален подем како глобален културен феномен.
Пресвртната точка за Матера се случила во 80-тите години од минатиот век кога група млади ентузијасти и уметници почнале да се враќаат во напуштениот град, препознавајќи ја неговата историска и архитектонска вредност. Наместо да ги урнат, тие почнале да ги обновуваат пештерите со модерни содржини, зачувувајќи ја нивната автентичност. Најголемото меѓународно признание пристигнало во 1993 година, кога УНЕСКО ја прогласил Матера за светско културно наследство. Така Матера – градот од камен како феникс се издигнал од пепелта на срамот, бедата и заборавот.

Саси ди Матера
Најпрепознатливиот дел од градот, Саси ди Матера, (Sassi di Matera), претставува лавиринт од живеалишта издлабени директно во варовничките карпи. Архитектурата на Матера не е изградена врз земјата, туку како да е издлабена во неа. Илјадници години луѓето ги користеле природните пештери за домување. Со текот на времето, овие простори се развиле во совршен и сложен систем каде покривот на една куќа често служи како улица или под за куќата над неа. Да се чекори низ Саси ди Матера изгледа како да се чекори низ наопаку превртен свет. Тука покривот на еден дом е уредно калдрмисана патека за оној што живее над него. Улиците во градот, пак, се во најголем дел скалила кои водат длабоко во утробата на земјата. Архитектурата на Матера е создадена со уметноста на одземање, каде просторот не се градел со тули, туку се освојувал со длабење во живата, мека карпа.

Матера се состои од две главни маала кои се простираат на падините на кањонот на реката Гравина, Сасо Барисано, посеверниот дел каде карпестите куќи се дополнително проширени со класични камени фасади и понова градба и Сасо Кавеосо, појужниот дел кој го задржал својот примарен изглед, каде куќите се речиси целосно издлабени во самите варовнички карпи во форма на амфитеатар.
За разлика од Саси Кавеозо каде преовладуваат речиси недопрени и сурови пештери, Саси Барисано претрпел значителна еволуција и промена во изгледот. Како што со вековите се зголемувало населението, луѓето научиле да ги копаат карпите, но и да ги користат извадените блокови варовник за да градат класични куќи врз самите пештери. Денес, Барисано е целосно реставриран дел од градот каде античките фасади кријат луксузни хотелски капацитети, уметнички галерии, автентични ресторани и занаетчиски дуќани.

Прошетката низ Саси ди Матера не е обично патување, туку емотивно нуркање во илјадници години човечка историја враќање во минатото, чуствување на магијата и умешноста со која човекот ја изградил спротивставувајќи се на суровоста на природата и приспособувајќи ја себе си. Овој камен град, како впрочем и сите стари градови, не ве пречекува со широки улици, туку со нерамен лавиринт од тесни улички и скалила каде секој чекор е премин од праисторијата, преку средниот век, па сè до поновото време. Патувањето започнува од повисоките, модерни делови на градот, од каде што одеднаш минатото како да се отвора пред вас со сиот свој сјај.
Црквите и катедралите во Матера
Дуомо ди Матера е прекрасна римокатоличка катедрала од 13 век, сместена на истоимениот плоштад на највисоката точка на историскиот град Матера во регионот Базиликата, Италија. Оваа импозантна градба доминира над познатите древни камени куќи (Sassi) и нуди спектакуларен поглед кон околината. Изградбата почнала во 1203 година, а целосно завршила во 1270 година. Надворешноста е изградена во карактеристичен апулиски романски стил од локален камен. За разлика од строгата романска фасада, ентериерот е богато преуреден во барокен стил во форма на латински крст. Катедралата им е посветена на Богородица и на Свети Евстахиј. Таа е највисоката структура во градот и вклучува 4-катна камбанарија.

Се одликува со голема и детално изработена розета (кружен прозорец) и две главни порти — „Плоштадната порта“ (со барелјеф од Аврам) и „Лавовската порта“ (чувана од два камени лава). Во внатрешноста се чуваат вредни историски артефакти, вклучувајќи фреска од Богородица од 13 век, приказ на Страшниот суд и уникатни јасли (нативитет) изработени во 1500-тите години. Бидејќи се наоѓа на плоштадот Пјаца Дуомо, локацијата служи како најдобар видиковец за фотографирање на панорамата на Саси ди Матера.
Како што се спуштате по тесните, мазни камени калдрми, околниот свет брзо исчезнува. Воздухот тука чиниш замирисува поинаку – на сува земја, на стар варовник и на векови историја и човечки судбини кои се наталожиле една врз друга. Низ лавиринтот на уличките како да допира до тебе ехото на плачот или смеата на луѓето што овде живееле низ вековите. Она што најмногу фасцинира при прошетката е архитектонската илузија – одејќи по тесна уличка, всушност одите по покривот на нечиј некогашен дом. Наоколу, пак, малите дрвени врати на пештерските куќи (case grotta) изгледаат како отворени усти на минатото. Секој агол во градот, ако имате око на добар набљудувач, крие некој неочекуван детаљ, напуштена камена алка за која некогаш бил врзан коњ, мал прозорец низ кој едвај продирала светлина или пак антички канали изградени со неверојатна уметност и генијалност за собирање на дождовницата во подземни цистерни.
Како што прошетката ве води подлабоко, патот ве носи кон рабовите на кањонот и реката Гравина. Тука, карпестиот пејзаж е постар и станува многу посуров и подраматичен. Глетката кон спротивната, дива страна на кањонот е преполна со праисториски пештери кои зјаат во карпите како неми сведоци на доселувањето и животот на првите кои го населиле ова место.

На самите карпести врвови се издигнуваат уникатните цркви издлабени во камен, како што е Санта Марија де Идрис. Влегувањето во овие простории носи посебен вид на стравопочит.
На топлото јужноиталијанско сонце внатрешноста е студена, а на влажните камени ѕидови сè уште има остатоци од византиски фрески на светци кои долги години ги набљудуваат намерниците кои ја посетуваат црквата.

Ова, според раскажувањето на служителите, се простори каде средновековните монаси барале осаменост и молитва, а денес нудат засолниште од силното медитеранско сонце и простор за внатрешен мир на современиот патник.
Матера има повеќе карпести цркви. Една од нив е и Сан Пјетро Барисано – најголемата карпеста црква (chiesa rupestre) во камениот град. Црквата датира уште од 11 век. Како и многу други градби во Матера, таа е директно издлабена во меката карпа од туф. Иако внатрешноста е древна, нејзината надворешна камена фасада и впечатливата камбанарија што ја гледаме денес се изградени подоцна, во 1755 година. Внатре има три бродови, со остатоци од вредни древни фрески и барокни олтари издлабени во самите карпи. Под самата црква се наоѓаат подземни простории користени за древен ритуал на мумификација на свештениците.

Системот за снабдување со вода во Матера
Она што ја прави Матера генијално дело на раното инженерство е системот за управување со води. Жителите создале фасцинантна мрежа од цистерни, канали и филтри кои ја собирале дождовната вода и ја пренесувале низ градот. Поради оваа симбиоза меѓу човекот и природата, каде секој квадратен метар карпа имал своја функција, градот зрачи со сурова, мистична убавина која со векови ги инспирира уметниците и филмските режисери.
Во овој свет на камен, во кој водата значела живот, бидејќи сушите биле долги и немилосрдни, древните жители создале невидлив систем. Лавиринтот, како што објаснуват локалните водичи, од подземни цистерни, филтри и канали ја уловувал секоја капка дожд. Така ја претворал Матера од сушен град, во жив организам кој живеел благодарение на својата подземна хидраулика. Ова, велат, не е само инженерство, туку адаптација на човекот кој одбивал биде поразен од природата и нејзината суровост и сведоштво за неговата генијалност.
Секоја куќа-пештера имала своја цистерна врежана во каменот за собирање дождовница од покривите и улиците. Имало и јавни цистерни (Паломбари) кои се огромни подземни резервоари, меѓу кои најголем е Паломбаро Лунго или долгата цистерна под плоштадот Виторио Венето. Системот од хоризонтални и вертикални канали ги поврзувал различните нивоа и ги прелевал вишоците вода. Работел по принцип на врзани садови, а водата слободно циркулирала низ мрежата под земја за да се одржува нивото и чистотата.

Kуќите во Матера се градени скалесто. Покривот на една куќа често служел како улица или патека за куќата над неа. Сите овие површини биле накосени за да ја насочуваат дождовната вода кон каналите.
Низа од вертикални и хоризонтални камени жлебови и теракотни цевки ја прифаќале водата и ја носеле под земја. Пред да влезе во главните резервоари, водата поминувала низ помали камени комори за прочистување, каде што се таложеле песокот и нечистотиите. Резервоарите (цистерните) биле меѓусебно поврзани под земја. Кога една цистерна ќе се наполнела, вишокот вода природно се преливал во следната, сè до дното на кањонот.
Каменот во Матера сведок на горчливите солзи
Каменот на Матера не памети само убавина, тој во себе ги има впиено и најгорчливите солзи на човечката мизерија бидејќи до средината на минатиот век вековниот град се претворил во гробница на достоинството на луѓето. Пренаселеноста ги претворила пештерите во темни, влажни простории без прозорци, светлина и чист воздух. Зад тешките дрвени врати, во ист простор, испреплетени во тишината и очајот, живееле по десет членови на едно семејство заедно со своите магариња, кози и кокошки. Болестите, како маларијата и трахомот, коселе немилосрдно, а детскиот плач згаснувал прерано.

Како изгледале старите живеалишта може да се види Куќата-музеј Каса Грота.
Според вработените во Музејот, ова традиционално реконструирано пештерско живеалиште покажува како изгледал секојдневниот живот на цели семејства кои делеле ист простор со своите животни пред евакуацијата во 50-тите години од минатиот век. Но, тоа го прикажува животот малку поидеално од она што навистина било реалност поради која во 1952 година државата ја прогласила Матера за свој национален срам.

Во име на модернизацијата, околу 15.000 луѓе биле присилно иселени од своите прадедовски огништа и преместени во згради на периферијата. Тогаш Саси ди Матера потонале во најдлабокиот сон. Градот станал нем сведок на сопствениот егзодус, останал празен лавиринт на улици, куќи, цркви и скалила.
Сепак, каменот сведочи и на поубави денови. Кога во 80-тие години на минатиот век сите мислеле дека Матера е само мртво поглавје од историјата на регионот Базиликата, се случило чудо. Група уметници, визионери и сонувачи одбиле да дозволат градот да умре. Тие почнале да се враќаат во пештерите, носејќи со себе светлина, вода и верба. Тие виделе поезија и уметност, чудо од архитектура, таму каде што претходно се гледало само сиромаштија. Во 1993 година, УНЕСКО ја препознал оваа безвременска вредност и ја ставил Матера под своја заштита.
Тоа, велат мештаните, е чин на космичка правда, бидејќи градот-дух бил прогласен за ремек-дело на човечката креативност. Оваа ренесанса доживеала кулминација во 2019 година, кога Матера била крунисана како Европска престолнина на културата. Старите пештери, некогаш натопени со пот и болести, се препородиле. Станале луксузни бутик-хотели со камени сводови, гастрономски катчиња каде се слават традицијата и вкусовите на локалната храна, продавници за сувенири за оние кои сакаат да понесат спомен од Матера со себе…
Оттогаш Матера веќе не е срам на Италија, таа е нејзината гордост, нејзиниот поетски споменик на минливоста и вечноста.
Приказната и сведоштвото за овој град ни покажува дека ниту еден пад не е конечен и оти секогаш по падот може да се стане, како и дека најубавите нешта често никнуваат од најсуровите карпи.

Матера останува на своето место во Базиликата, горда, камена и вечна, потсетувајќи го модерниот човек, предаден на брзиот начин на живеење, дека вистинската убавина бара многу време за да биде создадена. Приказната за Матера не учи дека минатото, колку и да е болно или запоставено, може да се редефинира и да стане темел за светла иднина. Градот од камен успеа да го преживее сопствениот егзодус и да се издигне како феникс. Денес, додека посетителите чекорат низ неговите тивки камени сокаци осветлени од вечерните светилки, Матера не потсетува дека вистинската вредност на човечката цивилизација лежи во способноста да се прилагоди, да преживее и повторно да се роди.
Матера како локација за снимање филмови
Откако таа повторно оживеала, Матера станала место атрактивно за снимање холивудски филмови. Тука се снимени сцени од познатиот филм „Страдањата Христови“ (The Passion of the Christ) од 2004 година во режија на Мел Гибсон.

За сцени во филмот се искористени неколку локации во самиот град Матера, Саси де Матера, улицата на мачењето, но и ридот над Матера каде сега е видиковецот Белведере Мургиа де Тимоне.
Повеќето сцени каде Исус го носи крстот под камшиците на римските војници се снимени низ тесните, камени улички на старите четврти Sasso Caveoso и Sasso Barisano. Затворот и местото каде свештениците го испрашуваат Исус се сценографија поставена во комплексот од карпести цркви Мадона деле Вирту и Сан Никола деи Гречи. Судењето на Пилат кој го прашува народот кого да ослободи (Варава или Исус) е снимено кај палатата Палацо Помаричи.

Делови од Матера послужиле и за сценографија на филмот со Џемс Бонд „Нема време за умирање“ (No Time to Die) од 2021 година, каде што се одржуваат спектакуларните воведни и акциони сцени со Даниел Крег и автомобилот Астон Мартин.
Локации од филмот Џејмс Бонд во Саси де Матера, како плоштадот Дуомо, каде што моторот прави акробатски скок, улицата Виа Муро за интимни и динамични сцени, како и блискиот аквадукт-мост.
МИА




