Информиран сум дека повеќе од десетина лица се повикани на разговор во МВР. За жал, денеска преку социјалните медиуми голем број пораки се испраќаат, меѓу кои и вакви кои претставуваат своевиден хибриден напад, истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за лажните информации во врска со водата во Скопје.

-Пораки кои имаат за цел да внесат немир, несигурност и револт кај граѓаните. Во услови кога не можете да создадете таква атмосфера бидејќи, ако минатата година такви пораки се испраќаа за пожарите, оваа година поради сите подготовки кои ги презедовме, но и брзите реакции кои што се случуваат по пожари, не можат овие центри да креираат хистерија, па сега се обидуваат со лаги, со конструкции тоа да го прават. Ние ден претходно добивме информација дека опозициски партии ќе се обиидат да создадат ваква хистерија преку социјалните медиуми, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека се надева дека со новите измени во Кривичниот законик ќе има и казнена одредба за ваквите лица кои свесно создаваат хистерија односно вршат своевиден хибриден напад, создаваат чувство на немир и страв кај граѓаните.

-Тоа што мене повеќе ме загрижува, мислам дека тука има и комерцијални обиди бидејќи за еден ден голем дел од маркетите ги испразнија своите резерви и количини на флаширана вода. Јас разбирам дека имаме работа со безидејна и очајна опозиција која се обидува да креира, да конструира хистерија на начин кој што можеби се претерува, но тие ја одбрале таа тактика за да соберат политички поени. Ние ќе се бориме со проекти, со работа, со посветеност, рече Мицкоски.