Братислав ДИМИТРОВ

Одамна објавив текст со последна одбрана на ајварот. Оваа ќе биде најпоследна. Ми здосади да бидам неуспешен. Малкумина читаат. Роденденот на кучето на Д. С. Дац има далеку повеќе лајкови од сите наши  текстови заедно. Додуша, ако го споредиме со дотичните текстови, кутрето ќе испадне најмалку погонски инжењер. А тие што читаат ги заболе уво или некој друг, да ми извините на израз, орган. Повеќе ги интересираат гласачките кутии отколку човечките судбини. Завалиите мислат дека нè честат само затоа што живеат со нас во иста држава. За нив – Њујорк, Париз и Рим се исто што и за нас Подржи Коњ, Брајчино и Зрзе. Нè гледаат низ трепки како мува во матеница или болва во чорап. Тоа што сепак се нашле тука покрај нас го сметаат за случајност, неправда или грешка, која ќе се исправи во најскоро време. Ти додека се решиш да го посетиш баџанакот во Долно Соње, тие веќе купиле билет за Марс од оној белосветски „шиткач“ Илон Маск.

Видов некаде новинарка како раскажува за некој Холанѓанец кој открил дека во ајварот немало ниедна корисна состојка. Што е следното? Мислењето на австралиските Аборџини за раното фрескосликарство во Македонија? Стручните совети на некој бедуин од пустината Сахара за подводен риболов? Кулинарски совети на човекојадци за вегетаријанци? На цела мака уште мораме да ги трпиме и оние „духовни коучи“. Нивниот главен совет е: „Напушти ја зоната на комфорот“. Значи, наместо на анатомска компјутерска столица, да седам на триножец? Медицинскиот душек и перница да ги заменам со сламарица или канабе? Или ова се однесува само на духовниот план? Е тука особено нејќу да ве знам! Се виде вашето духовно. Колонијализам, империјализам и постојано водење војни!

И сега што треба да правиме? Наместо да јадеме лут ајвар со печен суџук на жар, ќе топиме кекс во шоља со чај и ќе дискутираме за коњски трки и временска прогноза? Јас решив да ја одбегнувам новинарката сосе Холанѓанецот. Не смее никој со сила да ме прави Европеец, каде што не треба и како што не треба. Признавам, тажно е и предолго трае. Филозофијата на паланката секогаш е иста. Постојано талка помеѓу две крајности. Или ништо не прифаќа што е од надвор или некритички прифаќа сè живо и диво. Провинцискиот комплекс е ментален отров, ‘рѓа која постојано ги нагризува нашите последни резерви самодоверба и самопочит.

Затоа сега чичо Бато (се мисли на мене) ќе покаже дека, освен на нервна, може да напише нешто и на научна база. Значи, главната поента на правењето ајвар не е во оние тегли наполнети со печени пиперки. Главната поента е собирањето околу огнот. Тоа е најстариот и најважен ритуал на човекот пред чепкање нос и ждригање на јавни места. Правењето ајвар е една од ретките и убави шанси да се спријателиме со огнот, башка роднини и комшии. Има луѓе што долго одат боси по разгорениот жар на огнот и на нивните боси нозе нема ниедна изгореница затоа што го разбираат огнот, а и тој ги разбира нив. Но сите други само по еден чекор добиваат тешки изгореници на нозете. Тоа е затоа што ние постојано живееме во некакви стравови. Кога ќе видиме оган, првата наша асоцијација се пожарникари. Кога ќе видиме букет цвеќе, веднаш помислуваме на погреб. А кога ќе видиме јахта, одма гледаме надуено муртинско меше и прошарани револуционери со сите бои и лакови. Не брзај. Тие не се глупави. Само немаат среќа со размислувањето.

Огнот е најстариот телевизор на човештвото. Луѓето со векови седат пред него и гледаат како нешто исчезнува. Денес телевизорот гледа во нас како ние исчезнуваме. Со ритуалот околу огнот ги надминуваме нашите ограничувања, стравови и предрасуди. Тоа се моменти на прочистување во кои создаваме конкретен контакт со огнот, но истовремено и со архетипот на огнот што е во нас. Дали овој ритуал можете да го изведете со ребра од радијатор? Или можеби со запалена рингла на решо? Само слободни и креативни луѓе го сакаат огнот, а мрзливите и ропски души не ги испуштаат од раката далечинскиот управувач, телефонот и уште едно друго, заборавив кое.

Има уште. Ритуалот на правењето ајвар ни открива дека човекот е нешто повеќе од тоа што секојдневно го прави и го мисли. Отуѓените делови на нашето битие покрај огнот добиваат шанса да се помолат. Да се смират со себе и со својата околина. Тоа за нас е заштитена и слободна територија. Ритуалот околу огнот буди возвишени и благородни чувства, исто кога по долго и далечно отсуство, се враќаме дома и повторно здогледуваме одамна заборавени лица.

Православните христијани веруваат дека светиот оган спонтано се појавува од гробот на Исус, еден ден пред Велигден. Огнот се смета за доказ дека Исус не ги заборавил своите следбеници. Огнот е симбол на животот, спознанието и постојаната промена, а забраната за правење ајвар по скопските маала го сметам за сериозен удар врз нашата вековна традиција и загрозување на личната слобода на изразување!

Има ли поубав и поздрав мирис на оган, чад и пржени пиперки додека госпоѓата есен ги слика своите импресионистички платна во нашите дворови, а ние пиеме лути ракии и рујни вина, мезиме разни салати, се смееме, се кикотиме и се грголиме со нашите комшии, мајки, татковци, браќа и сестри, баби и дедовци, внучиња и спомени од нашето детство, а после јадеме кулинарски атомски бомби затоа што е глупаво да умреш здрав.

Или можеби вам ви е попријатно да седите со „нашите пријатели од Брисел“ во оние намќорски згради што го параат небото и каде што врв на социјалниот живот е да не се возиш сам во лифт?

Не сум јас против никого и ништо. Ќе ризикувам да бидам нескромен. Само сум за сè што е автентично и вистинито. Во спротивно, имам технички проблем. Колку и да сакам и да се трудам, не можам да бидам Германец, Англичанец или Американец во некои работи што и за нив се тешки.

Башка и не сакам да бидам.