На 14 јули 1946 година татко ми го затворија, го зедоа буквално пред порта. Со браќата подоцна се шегувавме дека границата со Грција ја поместиле пред нашата порта бидејќи по дваесетина дена, во весникот „Нова Македонија“ беше објавено дека е фатен на грчка граница при обид за бегство. Ние не знаевме каде е. Мајка ми, за да дознае каде е, отиде во Белград и ја прими Тито. Не знам дали е познато дека татко ми има отидено на островот Вис, каде што од Тито барал формирање слободна, незвисна и обединета Македонија. Тито му го ветил тоа, но, за жал, не го исполнил – се сеќава ќерката на Ченто, Марија Јакимоска.

Денеска, кога се навршуваат 124 години од раѓањето на Методија Андонов-Ченто (17 август 1902 – 24 јули 1957), првиот претседател на  Президумот на АСНОМ, ќерка му Марија ексклузивно за МИА раскажува за средбите со татка си и за последните денови поминати со него.

Марија има 87 години, но многу јасно и живо се сеќава на својот татко, особено за периодот кога тој бил во затворот и по излегувањето од таму.

– Моите сеќавања за татко ми се дека многу често отсуствуваше од мојот живот. До мои 5 години татко ми бил во партизани, пред тоа бил во бугарски затвор и интерниран двапати и затоа сеќавањата за тој период ми се многу бледи. Со татко ми се сретнавме во Горно Врановци, каде што беше штабот, по одржувањето на заседанието на АСНОМ на слободна територија. Но јас не го гледав татко ми зашто имаше многу обврски. Некаде по 3 ноември 1944 година, по ослободувањето на Прилеп, се вративме дома. Татко ми не дојде со нас, а мајка ми Василка отиде за Скопје, каде што го опремија изнајмениот празен стан, кој го наместивме со свој мебел и се преселивме во Скопје – раскажува Марија.

Додава дека татко ѝ бил претседател, а таа учела прво одделение од пет години, матурирала на 17 години. Подоцна студирала архитектура и целиот свој професионален век го поминала како архитектка.

– И во тоа време додека бевме во Скопје, од ноември 1944 година до март 1946 година, јас многу ретко го гледав татко ми затоа што беше претседател на АСНОМ, па после беше на Президиумот и имаше многу обврски и многу ретко доаѓаше дома. Многу ретко јас сум комуницирала со него бидејќи за него бев „малото девојче“. Бевме четири деца, а јас сум најмладата. Имав и тројца браќа – Илија, Андон и Владимир и сите сме родени во периодот од 1932 до 1939 година – вели Марија.

Свежи ѝ се сеќавањата и на периодот по војната и одведувањето на татко ѝ во затвор и буквалното земање од дома. Во 1946 година Ченто повторно работи на отворање на својот дуќан, кој го имал уште пред заминувањето во партизани и бил еден од најпознатите трговци во Прилеп. Се потрудил да го разработи за да може семејството да опстои.

– На 14 јули 1946 година татко ми го затворија, го зедоа буквално пред порта. Со браќата подоцна се шегувавме дека границата со Грција ја поместиле пред нашата порта бидејќи по дваесетина дена, во весникот „Нова Македонија“ беше објавено дека е фатен на грчка граница при обид за бегство. Ние не знаевме каде е. Мајка ми, за да дознае каде е, отиде во Белград и ја прими Тито. Не знам дали е познато дека татко ми има отидено на островот Вис, каде што од Тито барал формирање слободна, незвисна и обединета Македонија. Тито му го ветил тоа, но, за жал, не го исполнил – се сеќава ќерката на Ченто.

Во периодот пред судењето, во ноември 1946 година, им е конфискуван мебелот што го купиле во Скопје, но мајка им докажала дека тие го купиле и вредноста на мебелот им била вратена.

Методија Андонов-Ченто е осуден како државен непријател број 1, а како што вели Марија, на сето тоа се сеќава од кажувањата на најстариот брат, кој тогаш имал 14 години. И од раскажувањето на мајка си, која го понела целиот товар на грижење и одгледување на децата, но и грижење за татко ѝ во затворот.

– Поради тоа, почнавме да садиме тутун зашто до 1952 година имаше бонови, а тие што не работеа, немаа можност ништо да купат, ако не си земјоделец или работник, тогаш нема бонови, со тага се сеќава „малото девојче“ на Ченто.

Во спомените Марија ги носи сеќавањата од имендените на татка си, кои се славеле и кога тој бил и во затвор, и на именденот на најстариот брат Илија.

– Јас не паметам дека сме се собрале целото семејство заедно со татко ми, можеби еднаш или двапати најмногу. Најмногу се сеќавам на времето кога веќе имав седум години и кога се вративме во Прилеп. Се сеќавам дека се интересираше како учиме и беше многу задоволен од тоа што сите учевме добро, особено тројцата. Најмалиот брат не сакаше многу да учи иако беше многу интелигентен. Слушав како разговараат со мајка ми дека доколку биде тука, во дуќанот, и ако заработува добро, ќе нè испрати да студираме во странство. Тоа ми остана во сеќавање, а со него имам многу малку разговарано, но ми даде предобри совети – нè учеше да разликуваме само добри и лоши луѓе, да не делиме по вера, по нација, по боја. Тоа беа средби кога тој се трудеше да биде со нас колку што може, со засипнат глас и тага – се сеќава Марија Јакимоска.

Со уште поголем чемер и болка се сеќава на затворањето на татка си, но уште поголема е болката што ја доживеала, вели таа, по враќањето од затвор.

– Кажуваат дека сите девет години и два месеци ги издржал во „Идризово“, но тоа не е точно. На почетокот беше во Централниот затвор на Кале во Скопје. Таму никогаш не бев да го посетам татко ми, таму одеше мајка ми со мојот најстар брат. Јас го посетив кога го префрлија во „Идризово“. На Кале бил сосема сам и изолиран, без да може со кого било да размени и половина збор – раскажува ќерката на Ченто.

Особено е интересно кога им јавиле дека ќе се врати дома по издржувањето на затворската казна.

– Во 1955 година јас имав 16 години и татко ми си дојде дома на почетокот на септември. За среќа, сите бевме дома. Поминал некој човек и прашал дали има некое дете од Ченто. Мојот најмал брат бил таму и му рекол да каже дома дека татко му вечер ќе си дојде. Влезе брат ми и ѝ рече на мајка ми дека тато вечер ќе си дошол со возот. Мајка ми помислила дека некој си игра мајтап. Си седиме дома и пред доѓање на возот приквечер двајцата браќа рекоа ајде ќе појдеме на станица да видиме. Тие отидоа и ние седиме со мајка ми и се мислиме кој беше тој што го излагал детето. По некое време, слушаме ѕвонци од пајтон. И мајка ми вика: „Пајтон, мајче, ајде да излеземе“. Излегуваме и на портата се појавува татко ми. Мајка ми се шокира и се онесвести, а јас застанав збунета бидејќи татко ми се врати не онаков каков што го знаев. Ми пријде и рече: „Што направив јас, жената ќе ми умре“. Тоа беше многу тежок и емотивен момент. И сега кога го зборувам тоа, јас сум многу емотивна и ми трепери гласот. Мајка ми се освести и се прибравме дома.

Прашуваше како сме дома, до каде сме со учењето. Јас му кажав дека сум последна година гимназија и дека добро ми оди учењето, со тага во гласот се сеќава Марија.

Додава дека поради стигмата оти се деца на Ченто, никогаш не им дозволиле да бидат одлични ученици и биле омаловажувани. Марија смета дека поранешниот систем бил добар за 95 отсто од семејствата, а за преостанатите пет отсто, како нивното, тие си знаат како поминале.

Последните две години од животот на татка си ќерката на Ченто ги памети по борбата за егзистенција. Му била понудена државна работа, која тој ја одбил и почнал да се занимава со тоа што го научил во затвор – армирач и одлучил да садат тутун.

– Во јануари 1957 година мајка ми се јавила на брат ми Илија и тој дојде нерасположен за да ми каже дека татко не бил нешто арен. Во мај истата година, кога се оди на излет на Велигден на третиот ден, забележале дека татко ми сè повеќе слабее, дури и му се слошило. Се вратиле и мајка ми викнала лекар, кој не рекол што му е, туку само напишал дека има канцер на желудникот и дека треба да се консултира со друг лекар. Тој не беше прост човек, имаше завршено Виша трговска школа. Отворил книга да се информира за болеста и во меѓувреме дошол еден негов внук од прва братучетка, кој студирал медицина, и му кажал да му го прочита резултатот, а тој веднаш му рекол: „Вујче, ти имаш рак на желудникот“. Тоа го примил без многу емоции и одговорил дека сака да се лекува во Швајцарија и би сакал таму да замине. Дошол во Скопје со брат ми Илија и одејќи кон местото, каде што се издаваат пасоши, го сретнуваат Коле Чашуле, кој бил еден од поротниците на неговото судење. Застанал татко ми со Коле, а брат ми си продолжил налутено. Му рекол на брат ми: „Тоа му било задача и морал да ја исполни, немој да им се лутиме на луѓето“. Не му дадоа нов пасош за лекување во Швајцарија – се сеќава Марија на последните денови поминати со татко ѝ.

Во меѓувреме, хирургот Караѓозов му рекол да се врати во Прилеп и да се подготви за операција. Тоа се случувало во јуни 1957 година. Панче Караѓазов го оперирал  и кога излегол, на мајка ми ѝ рекол дека не може да се отстрани канцерот оти метастазите се многу раширени.

– Се вративме во Прилеп. Татко легна во постела на 1 јуни. Брат ми Илија и мајка ми цели денови седеа покрај него, а ние со брат ми Андон го работевме тутунот. Денот кога почина татко ми, 24 јули, мајка ми ми рече да појдам во Монополот да земам заем оти ќе ни требаат пари. Чекав подолго време и излезе еден од чиновниците и праша дали има некој од Ченто. Реков дека сум јас и ми рече да влезам да земам аванс. Ми беше чудно оти некој првпат покажува почит кон моето семејство. Се враќам и среќавам еден добар пријател на татко ми, кој не нè напушти додека беше во затвор, и ме прашува: „Кога умре татко ти?“ Јас не знам како од таму стасав до дома и кога се свртува кон нашата уличка, гледам дека нема ништо, само ги видов ширум отворени портите. Јас стигнав до првата скала и сум паднала. Брат ми Илија дошол, ме подигнал и ме освестил. Знаевме дека ќе умре, но кога физички губите човек што не сте го гледале многу долго и сте се надевале дека еден ден ќе седнете и ќе можете да разговарате, а тој замина, болката не се опишуваше. Во животот ми се случиле многу трагедии, но сум научила секогаш да се исправам гордо – раскажува Марија.

Дополни дека имало забрана да се оди на погребот на Ченто и најчесто се пишува дека починал осамен во кругот на семејството. На неговиот погреб имало многу прилепчани и секаде каде што поминувала поворката, на вратите стоеле мажи со симнати капи, а жените со солзи во очите.

Ќерката Марија ни раскажа и за случката по која Андонов го добил прекарот Ченто. Имено, во партизани, кога еднаш ѝ дал наредба на четата да се собере, погрешил, па извикал „Ченто во строј“ и оттогаш му останал прекарот.

Фото: приватна архива на Марија Јакимоска

МИА