Политичката дебата околу дата-центрите личи на сè само не на аргументирана расправа за потребата од такви дигитални складишта во земјава и подобрување на законските обврски и стандарди за нивно поставување, пишува Курир во својата анализа.
Се разбира и за оваа идеја на владата со нихилистички пристап предничи СДСМ и Венко Филипче. Па имаме ситуација кога од почетното „НИКАКО“ сега немаат ништо против дата-центри, но тие да не ги користеле македонските ресурси за да остваруваат сопствен профит!?
Каква небулоза, каква апсурдност од партијата која од време-на време знае да се пофали дека во нивно време влегле толку и толку инвеститори, или дека актуелната влада само го завршила процесот на инвестирање што почнал во времето на Заев или Ковачевски. Небулозни ставови што се косат со основниот мотив за инвестирање – профитот. Ниту тие се хуманитарни организации, а Бога ми не е ниту СДСМ за да така се однесува. Видовме како тие се однесуваа со инвестиции.
Да спомнеме неколку: плантажи со канабис, кои пласираа повеќе цвет од марихуана на црниот наркопазар, отколку за потребите на фармацевтската индустрија. А, за нив нивниот лидер во сенка и екс премиер Зоран Заев нè убедуваше дека небаре ќе станеме Швајцарија, Германија или Франција во фармацевтската индустрија. Напротив станавме Колумбија на Балканот, која ги засени и полињата на дрогата во познатото нарко-село Лазарат во Албанија.
За промашените инвестиции и ветувања и да не зборуваме. Од производство на првиот македонски електро-автомобил до влегување на технолошките гиганти „Фејсбук“ и „Гугл“ во земјава. Да, тоа ветуваа СДСМ и Заев. Ама тоа го заборава Филипче. Тој дел од историјата сака да ја снема од дата-центрите, па затоа можеби се противи (се разбира саркастично).
Но, дури и да се оствареше СДСМ-овското утописко ветување, зарем мислеа дека и Гугл и Фејсбук ќе работеа без изградба на дата-центри? Или наместо на струја ќе се напојуваа од ѓубривото од марихуаната на Заев? Или за да се ладат ќе чекаа да работат само во студените македонски зими, кога ги има?
За сите тие утописки, па и лажни ветувања на СДСМ беа потребни и дата- центри. Дата-центри како што впрочем веќе има во земјава, тој во Прилеп, скромен, но супер корисен.
Патем и тој дата-центар беше официјално одобрен за финансирање преку ИПА европските фондови во 2013-та, интензивно граден од 2018-та и официјално пуштен во употреба на 20. Ноември 2023, во присуство на тогашниот премиер Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски и Благој Бочварски.
Можеби затоа Таче (Ковачевски) сега се потсмева со прес-конференциите на СДСМ и нивната поддршка на Советот на општина Пехчево да не дозволи градба на дата-центар.
Тој дата-центар служи за целосна заштита на критичните државни податоци од сајбер-напади, пожари, земјотреси и други катастрофи и како секундарно back-up складиште. И како што вели премиерот државата ќе гради нов поголем дата-центар кој ќе ги обедини на едно место сите податоци од министерствата, општините и други институции и ќе ги заштити од кибер напади.
И сега доаѓаме до делот на приватните инвестиции во дата-центри за кои СДСМ велат, државата нема никаква заработка од нив, трошат многу струја, многу вода, многу се бучни…
Небулоза до небулоза.
Прво, никој не може економски да оперира во Македонија без притоа да има бенефит и за државата и народот. Чуму тогаш и ТИР-зоните и другите инвестиции.
Второ, многу струја трошат или трошеа Железара, ФЕНИ, Југохром, ОХИС, УСЈЕ, сите рудници и многу, многу други компании. Што требаше да се случи ако ги послушавме СДСМ, да нема индустриски просперитет на земјава по втората светска војна, да останеше Македонија рурално-аграрна земја? Струјата си ја набавуваат на берза од каде сакаат, односно од таму од каде ќе добијат подобра цена, но секако не врз џебот на граѓаните.
Трето, модерните дата-центри во денешно време имаат на располагање бројни технологии за ладење. Па, ниту ние сме го измислиле системот на ладење, ниту пак би доаѓале да инвестираат во земја каде може да останат без ладење. И таа вода за која кога зборуваат од СДСМ мислиш дека дата-центрите ќе ја проголтаа како црна дупка, или функционира во затворен систем или се враќа во животната средина.
И четврто, несогласувањето и забелешката дека биле бучни!? Дали прилепчани го слушаат дата-центарот? Не! Кога зборуваат од СДСМ мислиш среде градовите ќе изградат ракетни рампи од кои нема да можат да спијат „чувствителните“ функционери на СДСМ.
И кога веќе се повикуваат на искуствата и заштитата на животната средина еве 2 примера за земји шампиони во екологијата, благосостојбата на граѓаните и нивниот мир, Швајцарија и Словенија.
Во Швајцарија има, според различни информации, од 95 до 117 регистрирани дата центри (и тие податоци доаѓаат од дата-центрите) во сопственост на 105 оператори, меѓу кои и глобални компании. Најголем број се стацинирани во Цирих, а ги има и во Базел, Берн и други места. Сите се изградени согласно строги закони за заштита на податоци и имаат висока безбедност.
Во Словенија има 20 дата-центри во сопственост на 12 оператори, меѓу кои и меѓународни оператори. И Словенија и Словенците ги уживаат благодетите на дигиталното време.
Може да наведеме уште многу, многу пример. Но, дали е потребно?
Ало, СДСМ, се слушаме?
Извор: Курир




