Ако заболените од западно-нилска треска досега беа од јужниот дел на Скопје, сега новите случаи се од северниот и источниот дел од Скопје, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски денеска на прес конференција.

Констатирана е трета заболена птица, гавран, кај Драмски театар, во Карпош.

Клековски рече дека сега ќе се фокусираат на мртвите птици надвор од Скопје. Тој апелираше до граѓаните да не пријавуваат распаднати птици бидејќи не можат да се извршат тестирања на такви птици.

Досега има 55 случаи на западно-нилска треска, а шестмина починати. Сите починати се мажи. 19 лица се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Од тие 55 случаи, два се сѐ уште непотврдени случаи.

Просечното траење на лекувањето е 14 дена, а најдолгото лекување трае 29 дена.

Тој апелира да се зголеми вакцинацијата за морбили, која сега изнесува 60 отсто, откако се бележи пораст на случаи со морбили во Косово и во Словенија.

– Ќе се обидеме да ги мотивираме граѓаните да ги вакцинираат децата за да се спречи појава на епидемија – рече Клековски.