Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање како го коментира интервјуто на Бранимир Јовановиќ, поранешен висок функционер од СДСМ, каде што признава дека поранешната влада на СДСМ и ДУИ ѝ оставила долг на оваа Влада за кој до денес се плаќаат камати, рече дека тој сам признал дека додека на власт била владата на СДСМ и ДУИ за трипати ги имаат зголемено долговите и обврските кои сега оваа Влада ги плаќа.
– Дадено е интервју пред некој ден за медиум кој што важи за близок до опозицијата, во која што советникот вели вака: Кога дојдовме ние во Министерството за финансии, заедно со тогашниот министер Тевдовски, каматите што ги плаќавме на долгот беа 120 милиони евра, a во 2026 година, каматите што оваа Влада ги плаќа се 350 милиони евра. Значи, самиот тој признава дека за трипати го зголемиле долгот и обврските на оваа Влада. То е нешто што претставува признание на отворена сцена од страна на поранешен висок функционер на владата на СДСМ и ДУИ, кој што претходно беше во политичката партија Левица, па како голем финансиски експерт беше дел од тимот на министерот Тевдовски, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека Јовановиќ на отворена сцена признава дека 2017 споредено со 2026 година е три спрема еден во делот на каматите, а тоа е, како што вели, „долгот што го оставила тогашната влада – владата на СДСМ и ДУИ, и долгот што го плаќа оваа Влада, која што го наследи од владата на СДСМ и ДУИ“.
- Тука нема да навлегувам во егзибициите на нивната фискална политика кога стануваше збор за прогресивните даноци, кога ја уништија буквално македонската економија. Нема да зборувам на темата солидарен данок кој што ние го враќаме, а кој што тие буквално го ограбија од македонската економија. Еве тоа ќе го оставам на страна, тие се тие марихуана економски политики – рече Мицкоски. (МИА)




