Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, на 16 и 17 септември ќе престојува во посета на Јужен Тирол, каде што ќе оствари средби со институционални претставници и експерти, се вели во соопштението од ДУИ што МИА го пренесува интегрално.
Посетата се реализира во момент кога во С. Македонија се доведуваат во прашање некои од клучните достигнувања на европскиот модел врз кој е изграденa стабилноста на земјата: јазичната еднаквост, правичната и соодветна застапеност, учеството во одлучувањето и заштитните механизми против мајоризација.
Јужен Тирол е автономна покраина во Италија и еден од најпознатите европски модели за управување со различностите, со јазична еднаквост, пропорционална застапеност, споделување на власта и посебни заштитни механизми за јазичните заедници.
За време на посетата, Османи одблизу ќе се запознае со практичното функционирање на овие гаранции и со искуството како силните институции за споделување на власта успеале историски конфликт да го претворат во долгорочна стабилност.
За С. Македонија, ова искуство е особено релевантно во време кога треба да се заштити и зајакне архитектурата на Охридскиот мировен договор.
Патот на С. Македонија кон Брисел води преку Охрид.
ДУИ
Фото: архива




