Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во интервју за МТВ за време на посетата на Њујорк изјави дека од Европската Унија очекува конкретни и брзи резултати за граѓаните од Западен Балкан, оценувајќи дека со испорака на нешто што граѓаните веднаш ќе го почувствуваат може да се намали фрустрацијата во регионот.

Говорејќи за средбата со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, на која учествувале претставници на земјите од Западен Балкан, нагласи дека во текот на разговорите добил впечаток дека повторно се враќаат темите од раните 90-ти години од минатиот век, при што тој испратил порака дека на регионот му се потребни брзи испораки од ЕУ.

-Имам чувство дека некако како постепено на Балканот повторно да се враќаат темите од раните 90-ти години од минатиот век. Имав чувство дека се случува една тензија којашто за мене, во овој момент, во 21-виот век, навистина претставуваше едно големо изненадување – рече Мицкоски.

На средбата, посочи, од земјите од Западен Балкан на ниво на премиери биле тој и косовскиот премиер Албин Курти, додека Црна Гора била претставена од претседателот Јаков Милатовиќ, а Србија, БиХ и Албанија од министри за надворешни работи.

Мицкоски рече дека особено бил загрижен поради тензиите што ги слушнал во текот на разговорите, при што како една од причините за несогласувањата меѓу БиХ и Србија го посочи погребот на Ратко Младиќ, а како дополнителна тема ги наведе константните несогласувања меѓу Косово и Србија и прашањето за лицата што едната страна ги смета за организатори на нападот во Бањска.

-Но сето тоа мене не ме изненадува, но ме изненадува фактот што може една работа да го запали целиот регион, којашто можеби навидум толку голема и не изгледа однадвор или од нашата оптика, можеби, како Македонија, но очигледно дека една едноставна работа навидум може да предизвика сериозни тензии во општествата. Тие тензии може да прераснат во некој конфликт. Не очекувам, но чувството мое беше такво и бев загрижен – рече премиерот.

Токму затоа, како што објасни, во дискусијата ѝ се обратил на високата претставничка на ЕУ Каја Калас и посочил дека на регионот му се потребни „брзи испораки“ од страна на Унијата.

-И затоа, кога зедов збор, она коешто јас го кажав е дека, и кога се обратив на високата претставничка за безбедносна, одбранбена и надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, дека јас лично сум загрижен за ова што го слушам денеска на маса и дека нам ни требаат брзи испораки од страна на Европската Унија. Нешто што може брзо да биде испорачано за да фрустрацијата којашто ја чувствуваат граѓаните во регионот полека, но сигурно почнува да се намалува – рече Мицкоски.

Како примери за конкретни мерки што би можеле брзо да бидат реализирани, тој ги наведе прашањата поврзани со превозниците и со режимот „Roam at Home“, односно најавуваното укинување на роамингот за граѓаните од шесте земји од Западен Балкан во рамките на Европската Унија.

-Нешто кое што може бргу да го испорача Европската Унија за да за да можеме да заклучиме дека не е само на реторика, туку еве имаме и нешто коешто можат граѓаните да го почувствуваат – рече тој.

Втората работа што ја издвоил Мицкоски од средбата, како што посочи, била неговата порака дека грешките од минатото треба да бидат поука за да не се повторуваат, наместо регионот повторно да се враќа кон теми и реторика од минатото.

– И потоа, она коешто јас како мој совет го упатив во таа средба е да грешките од минатото не подучуваат да не ги повторуваме, а очигледно гледам дека некако како да завладеал тој дух кај одредени земји од Западен Балкан 6, туку да се стремиме да ја градиме иднината. Со ваква реторика подбуцнувачка ние не можеме да ја градиме иднината онака како што посакуваме – истакна премиерот.

Мицкоски посочи дека Македонија има добра комуникација со земјите од регионот и дека за време на престојот имал средби со повеќе регионални лидери.

– Впрочем, тоа беше една од целите на мојот престој тука, да се сретнам со дел од регионалните лидери. Се сретнав со премиерот на Словенија, господинот Јанша, на Хрватска, господинот Пленковиќ, претседателот на Србија, Вучиќ, премиерот на Косово, Албин Курти итн – рече Мицкоски.

Тој повтори дека од средбата со претставниците на земјите од Западен Балкан заминал со чувство на загриженост, бидејќи, како што рече, дел од она што го слушнал го потсетило на почетокот на 90-тите години.

Во однос документот што претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен треба да го презентира во Брисел за деблокирање и реорганизација на одредени процеси во Унијата, Мицкоски порача дека доколку ЕУ сака да направи исчекор, потребно е најавите да бидат преточени во конкретни мерки.

– И ако навистина Европската Унија, и ова што вие го велите план којшто треба да биде претставен наскоро, од зборови ќе се прејде на дела, треба нешто брзо да биде. Значи да имаме, што велат они, low-hanging fruit, нешто коешто можеме веднаш, quick win, брза победа да го да го испорачаме – рече Мицкоски.