Во време кога се се автоматизира, а македонското судство се мачи со два отсто доверба и чувство на граѓаните дека нема правда и постојат различни аршини зависно од тоа кој е странка во постапката, човек не може, а да не се запраша: дали некој алгоритам вушност не е волшебнотото стапче со кое ќе се намалат човечките грешки и ќе се разбие правосудната корупција, ќе се објективизира судската постапка, ќе се зголеми и забрза правдата?
МИА направи анализа затоа колку навистина вештачката интелигенција може само по себе да биде замена за некреативен, спор, па дури и корумпиран судија, или пак, сепак, таа ќе биде само алатка.
Поголема ефикасност на судовите
Новата претседателка на Кривичниот суд, Даниела Димовска веќе најави револуционерен потег во судството – да воведе ВИ алатка во можеби најкриткуваниот суд изминатава деценија. Вели дека ВИ алатките можат да му помогнат на судијата со побрзо пребарување или анализа на судската практика, но сепак не можат да ја напишат пресудата.

– Правдата не е математичка формула и вештачката интелигенција може да ни помогне да бидеме побрзи и подобро информирани, но не може да ја дефинира правдата наместо судиите, односно таа треба да биде алатка во рацете на судиите, а не извор на судска власт. Она што АИ може да го направи е да создаде дополнителен механизам за поголема конзистентност во работата на судството… Нашата цел е технологијата да го ослободи службеникот од дел од непотребниот административен товар и ова е веројатно најреалната и најбрзо остварлива примена на ВИ во судството. Ова особено во услови кога имаме 1/3 од потребниот број на вработени. Во судовите постои огромен број административни и повторливи задачи што одземаат значаен дел од времето на судската администрација, а ВИ може да помогне токму во овој дел и да го намали времето потребно за постапување. На тој начин ВИ може индиректно да придонесе кон поголема ефикасност и економичност на постапките, односно вештачката интелегенција не „одлучува за правдата“, но таа реално придонесеува правдата да биде поекономична, поефикасна, а со тоа е навремена – вели Димовска.
Првата ВИ алатка што ќе ја користи Кривичниот суд во Скопје е за анонимизирање на судските одлуки за да се зголеми транспарентноста на Судот и таа веќе е во тест период. Втората ВИ алатка која ја планира Димовска е алатка за транскрипција и обработка на говор (speech-to-text).
– Сепак, не брзаме за само да кажеме дека „имаме ВИ“. Прво треба да се обезбедат дозволи и согласности за користење на овие алатки од страна на Судскиот совет, заштита на доверливите информации, јасни правила за користење и човечки надзор – вели претседателката на Кривичниот суд.
Дали ВИ може да донесе повеќе правда?
Брзината и капациетот да пребаруваат и обработуваат големи прописи и одлуки, како и да споредат различни толкувања и да идентификуваат недоследности, е адутот на ВИ алатките за професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Христина Рунчева Тасев. Според неа, ВИ многу го скратува времето потребно за правно истражување на адвокатите, судиите и правите професионалци, но судското расудување сепак, мора да остане човечко.

– ВИ сама по себе не може да гарантира повеќе правда, бидејќи судењето не е само обработка на податоци, туку подразбира правно и вредносно расудување, оценка на фактите и околностите на секој конкретен случај. Но, ВИ може да придонесе за поголема објективност, конзистентност и предвидливост во примената на правото. На пример, системот може да споредува слични случаи, да покаже како биле применувани одредени законски одредби и да укаже на значителни разлики во судските одлуки. На тој начин може полесно да се забележи кога во слични фактички и правни ситуации постојат различни толкувања или различни исходи, а судијата да има дополнителна основа да објасни зошто конкретниот случај оправдува ист или различен третман. Сепак, ВИ не смее да ја претвора претходната судска практика во правило што треба автоматски да се следи. Ако податоците врз кои се заснова системот содржат пристрасност или неконзистентност, ВИ може да ги репродуцира кај нови случаи. Затоа нејзините резултати треба да бидат насока за проверка и дополнителна анализа, а не замена за судското расудување. Правното и вредносното расудување, образложувањето на одлуката и одговорноста не можат да се пренесат на алгоритам – објаснува Рунчева Тасев.
Професорката предупредува дека употребата на вакви алатки мора да биде критичко и строго регулирано, бидејќи генеративната ВИ може да произведе одговор што звучи уверливо, а содржи фактички и правно неточни информации, па дури и непосточеки извори.
Колку може да им се верува на алгоритмите за право?
Во државата веќе има неколку ВИ платформи што се сепцијализирани за право и чии податоци се засноваат на македонското законодавство. Фактум е една од нив. Ги прашавме колку може да им се верува.
-Во Македонија ретко проблемот е во тоа дека не постои закон, туку проблемот е што тој постои во делови. Еден закон може да има дваесет измени расфрлани низ дваесет броеви на Службен весник, а важечкиот текст секој мора сам да го склопува. Фактум почнува токму од тука. Работи врз консолидираните, важечки текстови на македонското, српското и европското законодавство, како и на повеќе други европски земји. На правно прашање одговара со конкретниот член и со линк до изворот. Го користат адвокати, нотари, банки и правни служби во компании. Фактум е професионална алатка, а не готов правен производ. Го скратува патот до одговорот, но заклучокот и одговорноста остануваат кај правникот. Точноста не ја мериме со проценти, туку со тоа што секое тврдење може да се провери до изворот. Има и нешто што во правото е поважно отколку што изгледа: кога Фактум нема доволно законски основи за одговор, тоа ви го кажува – наместо да измислува. Систем што умее да признае дека нема законски основ за да одговори е подоверлив од систем што секогаш има одговор – објаснува Методиј Ристоманов, ко-основач и директор за правни прашања во Фактум.
Но, дури и тој вели дека правдата е работа за луѓето, а не за роботите.

– Би направил разлика меѓу правда и доследност. Правдата бара да се процени конкретен човек во конкретни околности, и тоа мора да остане човечка работа. Доследноста бара меморија, а во тоа ВИ е посилна од кој било суд. Различните аршини ретко произлегуваат од лоша намера. Почесто никој нема преглед како истиот член бил применет во стотици слични предмети. ВИ може да го даде тој преглед за неколку секунди, а неусогласеноста што станала видлива многу потешко се оправдува. Постои и обратниот ризик. Систем што учи од минатите одлуки може да ги повтори и минатите неправди. Автоматизираната неправда е поопасна од човечката затоа што изгледа објективно. Затоа ВИ во судството треба да биде второ мислење, а никогаш одлука. Европскиот акт за вештачка интелигенција токму вакви системи ги третира како високоризични и бара човечки надзор. Кон тој стандард треба да се движиме и ние. Паралелно треба целосно да се објавуваат судските одлуки, бидејќи без нив и најдобриот алгоритам работи на слепо – објаснува Ристоманов.
Добри за следење на системска судска недоследност
ВИ алатките во правото не ги исклучуваат ни во коалицијата „Сите за правично судење“, граѓанска организација која често е критичар на состојбите во македонското правосудство.
– Преку анализа на судските пресуди би можеле многу полесно да идентификуваме невоедначена судска практика, недоследности во образложенијата, повторливи пропусти, но и добри практики кои би можеле да се применат и во други судови. Истото важи и за анализа на работењето на судовите, Судскиот совет и другите правосудни институции, подготовката на нивните годишни извештаи и следењето на системските трендови. Исто, така можноста за обработка на голем број на податоци е значајно и за независниот мониторинг над судовите. Така, Коалицијата „Сите за правично судење“ годишно набљудува преку 1.000 судски рочишта, следејќи по педесетина индикатори за секое рочиште. Со соодветна употреба на ВИ, обработката и вкрстената анализа на ваквите податоци е значително полесна, овозможувајќи попрецизно идентификување на системските слабости – вели Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалицијата.
Тој вели дека како Коалиција, веќе забележеле судски пресуди „потпомогнати“ од генеративна ВИ.
– ВИ не смее да биде замена за судиското расудување, од повеќе причини меѓу кои почетен предизвик би било тоа што алгоритам обучен врз основа на постојната практика може да ги репродуцира и нејзините недостатоци, додека генерираните информации можат да содржат сериозни фактички или правни грешки. Впрочем, веќе забележуваме судски одлуки со делови чија формулација укажува на можна употреба на генеративна ВИ. Притоа, треба да се има предвид дека самото користење вакви алатки за помош при подготовката на текстови не е нужно проблематично, но проблемот настанува доколку судијата некритички ги презема генерираните содржини, а особено доколку го препушта правното расудување на технологијата или внесува доверливи документи и докази во незаштитени надворешни системи. Затоа, покрај техничките решенија, неопходни се јасни правила, соодветна обука и човечка контрола – вели Аврамовски.
Вештачката интелигенција најкорисна за заштита на граѓаните
Затоа пак, сите соговорници сметаат дека најголемиот потенцијал на ВИ во правото е во заштитата на граѓаните.
– Значаен дел од граѓаните тешко се снаоѓаат во сложените правни процедури, не ги познаваат своите права, роковите, надлежните институции или правните средства што им стојат на располагање. Немаат слободен пристап ниту до Службен весник. ВИ може на разбирлив јазик да им помогне да дознаат кои права ги имаат, каде треба да се обратат, кои документи им се потребни и кои рокови треба да ги почитуваат. Подобро информираниот граѓанин полесно може да препознае кога постапката отстапува од пропишаните правила, кога има право на приговор, жалба или друг вид заштита. Тоа само по себе не ги елиминира можните злоупотреби, но ја намалува ранливоста што произлегува од правната неукост. Сепак, ВИ не треба да создава лажна сигурност дека секој автоматски добиен правен совет е точен – коментира и професорката Рунчева Тасев.
За ко-основачот на Фактум, ВИ алатката може добро да го подготви граѓанинот за да не биде злоуупотребен.
– Злоупотребата во правото ретко изгледа како отворено кршење на законот. Почесто изгледа како информација што некој не ја добил: рок за кој граѓанинот не знаел, право што никој не му го спомнал, или „така се работи“ што никој не го доведува во прашање. AI ја намалува токму таа нерамнотежа. Граѓанинот што знае на кој член се повикува и колку време има води сосема поинаков разговор со шалтерот, со извршителот или со банката. Има и граница. Половичното знаење може да даде лажна сигурност, па добриот систем мора да знае и кога да каже: „ова е прашање за адвокат“. ВИ нема да го замени адвокатот, но ќе го смени разговорот со него. Граѓанинот ќе дојде со прашање, а не со страв – констатира Ристоманов.
Правната неукост неретко создава сериозна нерамноправност во односот меѓу граѓанинот и институциите или правните професионалци, потврдуваат од Сите за правично судење.
– Во насока на тоа, јавно достапна ВИ алатка, поврзана со ажурирани и проверени правни извори, преку која граѓанинот на разбирлив јазик би можел да добие информации за конкретна постапка, потребните документи, надлежната институција, законските рокови и достапните правни средства, би била од огромна помош за граѓаните – вели Аврамовски.




