Министерот за здравство Сашо Клековски денеска имаше воведно обраќање на извршната тркалезна маса „Градење одржлив, достапен здравствен систем ориентиран кон пациентите“, во организација на Холандската стопанска комора во Македонија, на која учествуваа креатори на политики, даватели на здравствени услуги, клинички експерти, финансиски и меѓународни чинители и претставници на индустријата.

Како што информираат од Министерството за здравство, по Клековски, поздравно обраќање имаше извршниот директор на Холандската стопанска комора, Боб Смит, кој официјално го отворил настанот.

-Дискусијата беше организирана во три сесии: трансформација на здравството и патеки на грижа – како преку поинтегрирана и покоординирана грижа да се подобрат резултатите за пациентите, од превенција и дијагноза до лекување, рехабилитација и долгорочно управување со хроничните заболувања; здравствена еднаквост и пристап – регионалните разлики во пристапот, предизвиците со кадарот, дигиталното поврзување меѓу здравствените институции и кардиоваскуларната грижа како пример за подобро упатување и координација, како и одржливо финансирање, партнерства и модернизација на здравството – како ефикасно да се инвестира во инфраструктура, технологија и услуги, со подобро планирање и искористување на постојните капацитети и со долгорочна одржливост – информираат од Министерството.

Министерот Клековски истакна дека секое вложување во опрема, објекти и дигитализација го мерат со едно прашање – дали пациентот побрзо доаѓа до дијагноза и лекување и дали добива иста грижа без разлика каде живее.

-Не е важно само колку инвестираме, туку колку ефикасно инвестираме – со јасни приоритети, со подобро искористување на она што веќе го имаме и со партнерства што носат вредност за јавното здравство – изјави министерот Клековски.