Народната банка најостро ги отфрла денешните обвинувања на СДСМ во врска со назначувањето на еден од администраторите на АЛТА банка АД Битола. Станува збор за повторување на веќе демантирани тврдења, со кои свесно се извртуваат фактите и се создава погрешна слика во јавноста, се наведува во соопштението од НБ што МИА го пренесува интегрално.
Овие наводи беа објавени вчера во неколку медиуми, по што Народната банка веднаш реагираше и ги демантираше. Демантот беше професионално објавен од страна на новинарите и медиумите, со што јавноста веќе беше запознаена со точните информации и законските надлежности. Оттука, особено загрижува што СДСМ денеска повторно ги пласира истите тврдења, игнорирајќи го јавно објавеното појаснување на Народната банка.
Фактите се јасни и недвосмислени. Согласно со член 57 став (1) точки 3 и 4 од Законот за банките, претходна согласност за именување членови на Управниот и Надзорниот одбор на банка дава Извршниот одбор на Народната банка, составен од гувернерот и вицегувернерите.
Оттука, целосно е неосновано на администраторот да му се припишува носењето одлуки што ги донел друг, законски надлежен орган. Ваквото претставување на фактите е обид за дискредитирање на администраторот.
Народната банка смета дека е крајно неодговорно политичките субјекти да шират вакви инсинуации, особено во момент кога институцијата презема конкретни мерки за заштита на интересите на штедачите и клиентите на АЛТА банка. Свесното повторување на веќе демантирани невистини и создавањето сомнеж во законитоста на постапувањето на Народната банка не придонесуваат за информирање на јавноста, туку директно ја поткопуваат довербата во банкарскиот систем.
Во вакви околности, интересот на штедачите мора да биде над дневнополитичките пресметки.
За потсетување, демантот на Народната банка беше објавен и од следните медиуми:
· „Трилинг“: https://triling.mk/%d0%bd%d0%b0%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%bd%d0%b0-%d0%b1%d0%b0%d0%bd%d0%ba%d0%b0-%d0%b4%d0%b5%d0%bc%d0%b0%d0%bd%d1%82%d0%b8%d1%80%d0%b0-%d0%b4%d0%b5%d0%ba%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%b8%d0%b2%d1%80%d0%b5%d0%bc/
· „Слободен печат“: https://www.slobodenpecat.mk/narodna-banka-najostro-gi-otfrlame-insinuaciite-za-adminstratorot-na-alta-banka/
· „Фокус“: https://fokus.mk/soglasnostite-za-imenuvane-na-funktsione
Народна банка на Република С. Македонија




