Според оценка на Службата на Обединети нации за координација на хуманитарните прашања (ОЦХА) приближно една третина од Авганистанците се соочуваат со недостиг на храна пред зимата.

Во соопштението на ОЦХА се наведува дека иако пообилните врнежи ја подобриле достапноста до храна, милиони семејства сè уште не можат да си дозволат основни производи.

– Храна има. Но, милиони луѓе не можат да си ја дозволат, истакнува ОЦХА.

Извештајот ја нагласува хуманитарната криза во земјата и предупредува на широко распространет глад, недохранетост кај децата и трајни штети врз егзистенцијата на населението, предизвикани од годините со суша.

Според процената, во 2027 година повеќе од четири милиони деца на возраст под пет години би можеле да имаат потреба од лекување поради недохранетост.

Хуманитарните организации нагласуваат дека пред зимата од големо значење е да се обезбеди итна помош за спасување човечки животи.

Сепак, ОЦХА истакнува дека трајниот напредок бара долгорочни инвестиции во егзистенцијата на локалното население, економски можности и јавни услуги, кои ќе им помогнат на заедниците да изградат отпорност против идни кризи.

Авганистан продолжува да се бори со последиците од децениските конфликти, вклучувајќи ја и советската инвазија и понатамошната воена интервенција предводена од САД, во која подоцна се вклучи и НАТО. Во моментов со земјата управуваат талибанците, кои на власт се вратија во август 2021 година.