Во војната во Украина загинале повеќе од 450.000 Руси, покажуваат податоците што протекоа од руската државна статистичка агенција „Росстат“ по кибернапад, со што војната стана четврта најчеста причина за смрт во Русија, објави „Москов тајмс“.
Иако Русија официјално ги нема објавено своите загуби на бојното поле од септември 2022 година и редовно ги отфрла независните процени, податоците на „Росстат“ потврдуваат дека ова е најсмртоносниот конфликт за Русија од Втората светска војна, надминувајќи ги 13-те илјади советски војници убиени во деветгодишната војна во Авганистан.
„Росстат“ беше цел на кибернапад од 29 октомври до 1 ноември, извршен од хакерските групи „Белоруски киберпартизани“ и „Сајлент крoу“ (Silent Crow). Овие групи украле опсежни податоци за руската економија, демографијата и воените загуби, што според Јанис Клуге од Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања претставува досега најзначајното протекување податоци за руските жртви.
Бројката што ја пресметала групата „Сајлент крoу“ ги вклучува активните војници, цивилите загинати во воздушните напади, како и загинатите за време на украинскиот упад во Курската област во 2024 година. Вкупниот број загинати веројатно е и поголем, со оглед на тоа што податоците не ги опфаќаат исчезнатите војници, ниту 27-те илјади странски борци регрутирани во руските вооружени сили.
Податоците, исто така, покажуваат дека за секој освоен квадратен километар територија загинале по 6,2 Руси, а во 14.160 случаи е евидентирана смрт од неборбени причини (болести, несреќи, самоубиства), додека повеќе од 32.000 лица починале од рани здобиени најмалку една година претходно.
„Москов тајмс“ по случаен избор проверил 50 имиња од базата на податоци на „Медиазона“ и рускојазичниот сервис на Би-Би-Си, споредувајќи ги со податоците на „Сајлент крoу“. Иако целата база не можела целосно да се потврди, бројките се совпаѓаат со други процени, вклучително и со извештајот на британското Министерство за одбрана од септември, според кој над половина милион луѓе загинале на руската страна. Одделно, групата „Белоруски киберпартизани“ објави нешто помала бројка од 393.881 загинато лице, користејќи поинаква методологија за пресметка само на директните борбени смртни случаи и нивните долгорочни последици.




