Братислав ДИМИТРОВ за МИА

Светот е поделен на два дела. Едните пишуваат, а другите не читаат. Секој човек има некаков порок. Јас се одлучив за пишување. Уште како мал по цел ден чкртав со креда по маалски тараби, бандери и ѕидови. Кога воведоа живи огради и високи казни за „хулиганите“, почнав да пишувам драми. Во светот сум непознат, ама во своето маало уживам светска слава. Особено кога почнав да пишувам „колумбини“, прецизен термин на Тони берберот.

Во денешно време кога ќе се спомне зборот „маргарита“, сите помислуваат на пијалакот. Но во времето на социјализмот, Железната завеса и Ладната војна сите помислуваа на „Мајстор и Маргарита“, еден од најдобрите романи на дваесеттиот и уште некој век. Денес, кога ќе се спомне мајстор, сите се жалат од електричар, водоводџија или механичар. Но во тоа комунистичко време првата асоцијација беше на Михаил Булгаков, еден од најдобрите мајстори на пишаниот збор. Тоа беа времиња кога еден милиметар или секунда освоена слобода во која било сфера во животот или уметноста беа редок возбудлив настан и вистинска катарза.

Со појавата на либералниот капитализам „човекот е осуден на слобода“. Така напиша левичарот што ја одби Нобеловата награда и се одѕива на името Жан Пол Сартр. Пред 35 години тоа дојде и кај нас. Се ослободивме од синџирите и си купивме кредитни картички. Слободни сме да правиме што сакаме сè додека не посакаме нешто. Демократија е кога можеш слободно да го избереш оној што ќе ти ја ограничи слободата.

Во Македонија сè уште е на сила народниот обичај „без секој се може“. Во случајот, без Сигмунд Фројд не се може. Тој со својот опус ја изостри сликата за односот кон таткото (авторитетот) и радикално ја збогати и ја актуализира една од најважните теми на литературата, односот на поединецот кон власта и обратно. Како да се живее и особено како да се пишува пред строгите мустаци и километарското име на Јосиф Висарионович Џугашвили-Сталин?

Милиони поединци не стигнале да одговорат на ова прашање. Биле прогонети, затворени и убиени во многуте логори на тогашниот комунистички цар. Но и тие што останале во Москва „слободни“, не се усреќиле. Нивното секојдневие било исполнето со страв, себичност, поткупливост, омраза, кодошење, општа несигурност и апсолутна послушност. Тоа било секојдневие во кое луѓето ненадејно и без објаснување едноставно исчезнувале!

Еден од ретките духовни витези во тоа и такво време, кој имал доволно храброст и образ да поставува незгодни прашања, е писателот Михаил Булгаков. Како да опстои уметноста во репресивен систем? Колку е заслужен тоталитаризмот, а колку ние, за нашиот поданички однос и духовно ропство? Дали сме подготвени со посредништво на универзалната приказна на авторот да се погледнеме себеси в лице, да ги признаеме резултатите на сопствената глупост или за тоа е веќе доцна?

Насловот на овој текст е инспириран од еден вистински настан. Во 1932 година Михаил Булгаков третпат се оженил со Јелена Шиловскаја, неговата најголема и постојана инспирација. Дали љубовта е вистинскиот одговор на сите поставени и непоставени прашања? Ако се суди според тврдењето на Цанко Курбла, одговорот секогаш е потврден. Тој поради една Инге, среде маалска дискусија, остави грч ладно зелено пиво и ќебапи што се чадат во „Мал одмор“ и од Тафталиџе директно отиде во Кралството Шведска, поточно во Стокхолм. Приказната почнува во времиња кога во Скопје беше потешко да се дојде до фармерки отколку во Њујорк до „кадилак“. Се тешевме дека тогашната сиромаштија ги разви нашата бујна фантазија и силна страст за откривање нови светови. Затоа гурмански ги мезевме страниците на романот „Животот е некаде другде“ од Милан Кундера.

Како и сите деца, и Цанко Курбла имаше големи планови. Еден од нив беше на раат да си ја изеде својата кришка леб со маст и црвен пипер. Но тој ден дури тројца копиљаци му се обратија со традиционалната маалска реплика „дај еден гриз!“ Откако го испочитува овој адет, Цанко погледна во својата дланка. Таму наместо конкретната кришка, остана само идејата за неа. Овој настан практично е почеток на концептуалната уметност, но никој не ни ги признава нашите авторски и сите други права. На денешните „цивилизирани општества“ најмногу им одговара хронично да нè третираат како буре барут за полесно да ни поставуваат невозможни услови и уште полесно да го забошотат своето срамно минато.

Како за малер, и Цанко ја прочитал книгата за животот, кој е некаде другде. Седи во една кафетерија во Стокхолм и топи кекс во чајот, а замислува како со топло кравајче мацка во каленица со зелен и лут пинџур, башка жолто биено сирење. Боцка со есцајгот органски карфиоли, а лиги му течат при самата помисла на некое ќумуросано ќебапче во Скопје. Голта диетална „кока-кола“, но неговото непце копнее по една ладна боза „Кај Апче“. Разговара со тоа Швеѓаните на разни теми, а тие на крајот му се заблагодаруваат за убавата конверзација. Која црна конверзација без кавга и инаетење? А камо гестикулација, мајка, шајка и сè по список? Тогаш Цанко престана да комуницира со цивилизираниот свет затоа што не сакаше да умре од досада.

Злото не е секогаш таму каде што го очекуваме. Маргарита е подготвена да ризикува сè за Мајсторот. И Цанко имаше своја Маргарита, само неговата се викаше Македонија.

И додека седеше среде таа совршена геометрија и аритметика на Стокхолм, на левата страна, под џебот на неговата карирана кошула, почувствува една коцка мраз. Коцката се зголемуваше, а Цанко наш се смалуваше… И кога шолјата со проклетиот чај и кекс му се видоа подалечни од шприцерите во „Букет“, тој со првиот авион и без никаков багаж слета во нашето маало!

Така повторно победи љубовта. Овој пат кон татковината, што и да се подразбира под тоа.

П.С.

„Бидете свои. Сите други се зафатени“.