Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, остварил средба со тетовскиот муфтија Селвер Џемаили и митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, г. Јосиф, на која упатиле заеднички апел за мир, толеранција и меѓусебно разбирање меѓу сите етнички и верски заедници.
Средбата, како што се наведува во објавата на градоначалникот на Фејсбук, доаѓа по последните изолирани меѓуетнички инциденти во Тетово, за кои соговорниците предупредуваат дека не треба да се користат за поттикнување тензии и остварување нечии лични интереси.
-Тетово е наш заеднички дом. Мирот, безбедноста, благосостојбата и соживотот се наша заедничка одговорност. Нашиот град е пример за заеднички живот меѓу сите етнички заедници, кои живееле и продолжуваат да живеат во целосна хармонија. Во никој случај нема да дозволиме некој да ги злоупотребува децата и да поттикнува меѓуетнички тензии – се вели во заедничката порака испратена од тројцата соговорници и нивните соработници.
На средбата била изразена подготвеност за воспоставување заедничка платформа за соработка меѓу верските институции, училиштата, родителите и граѓанските организации. Целта е преку дијалог, средби и културни, едукативни и спортски активности да се поттикне зближувањето на младите.
-Цврсто веруваме дека мирот, толеранцијата, културата, комуникацијата и почитувањето се единствените патишта за унапредување на сите процеси, за изградба на здраво општество и достоинствено семејство. Денес, повеќе од кога било, имаме потреба да покажеме дека нашите разлики не нè разделуваат, туку можат да нè збогатат, дека нашите верувања не нè прават непријатели, туку нè поттикнуваат кон доброто – се вели во објавата на тетовскиот градоначалник.
На оваа тема пред извесно време МВР по барање на тетовските медиуми достави податоци дека во текот на 2026 година, во СВР Тетово пријавени се 12 случаи на нарушувања на јавниот ред и мир и други инциденти помеѓу малолетни лица од различни етнички заедници.
-Расчистени се пет случаи во кои утврдени се сторителите и преземени се законски мерки, при што кон родителите/старателите е поведена соодветна прекршочна постапка согласно член 34 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир (ЗППЈРМ), со оглед на одговорноста што ја имаат родителите за однесувањето на малолетните деца – соопшти МВР.
Според МВР, расчистени се три кривични дела за кои комплетирани се доказите, при што две кривични пријави се веќе изготвени и доставени до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово, додека едно кривично дело е во фаза на завршување и во најскоро време ќе биде проследено до надлежното ОЈО.
-Последните четири случаи се во фаза на активна истрага и расчистување при што за два настани сторителите и се веќе познати на полицијата, а во моментов се чека на официјален извештај од надлежниот Центар за социјална работа (ЦСР) со цел целосно завршување на постапката, додека за останатите два настани постојат основано сомнителни лица и интензивно се работи на нивно целосно документирање, по што ќе следуваат соодветни поднесоци – соопшти МВР.
Според Министерството, полицијата постапува во рамките на законските прописи кои се однесуваат на малолетници (Законот за малолетничка правда) и дека за секој пријавен случај веднаш се известуваат Центарот за социјална работа, дежурни обвинители за малолетници, а разговорите и сослушувањата се изведуваат во присуство на родители, социјални работници и психолози, што понекогаш бара одредено време за стручна обработка.
МИА




