Бранка Д. НАЈДОВСКА за МИА
Медицината се темели на доверба. Пациентите им веруваат на лекарите, лекарите се потпираат на научните истражувања, а јавноста очекува фармацевтската индустрија и здравствените институции да работат во интерес на здравјето на луѓето. Барем така би требало да е. Меѓутоа, колку е оправдана таа доверба и кој ја контролира точноста на информациите врз кои се носат медицинските одлуки?
Наш ексклузивен соговорник е професорот и доктор Петер Кристијан Гецше (Peter Christian Gøtzsche), роден 1949 година, Данец, светски познат специјалист по интерна медицина и истражувач во областа на клиничките испитувања и методологијата на медицинските истражувања.
Гецше е еден од соосновачите на меѓународната организација Cochrane Collaboration, основана 1993 година и основач на Nordic Cochrane Centre. Во текот на својата кариера работел и во фармацевтската индустрија, како и во болничкиот систем во Копенхаген. Во 2019 година го основал Institute for Scientific Freedom.
Автор е на многубројни книги и научни трудови во кои поставуваат прашања за транспарентноста на клиничките испитувања, влијанието на комерцијалните интереси врз медицинските истражувања, прекумерната употреба на лекови…
Неговите ставови за фармацевтската индустрија и особено за употребата на психијатриските лекови предизвикуваат сериозни научни дебати и несогласувања на глобално ниво. Неговото исклучување од Cochrane во 2018 година дополнително го отвори прашањето за односот меѓу научната независност, институционалното управување и слободата на изразување во академската заедница.
Проф. д-р Гецше е особено познат по книгите Deadly Medicines and Organised Crime (2013) и Deadly Psychiatry and Organised Denial (2015), како и по критиките кон мамографскиот скрининг, кон препишувањето психијатриски лекови и кон начинот на кој се изведуваат и објавуваат клиничките испитувања, но не го поштедува ни користењето на ново-вакцините.

Вие сте лекар и истражувач повеќе од четири децении. Кога и поради што помисливте дека нешто во системот не е како што треба?
– За ова пишувам во мојата автобиографија од 2020 година, „Свиркач во здравството“, која е слободно достапна на мојата веб-страница.
Станав биолог, но не знаев што да правам. Дедо ми, кој беше семеен лекар, ми предложи да се насочам кон фармацевтската индустрија, па се вработив како продавач на лекови во групацијата „Астра“. Посетував разни курсеви, а кога дознав повеќе за употребата на лековите, си помислив: „Леле, неверојатно е што постојат толку многу лекови и што тие толку многу се користат за разни намени. Дали е навистина точно дека се толку ефикасни, што би ја оправдало ваквата масовна употреба?“
Академските предизвици беа занемарливи и сфатив дека моето академско знаење бргу ќе избледи ако не си заминам. Работата исто така ги загрозуваше и мојата самодоверба и мојот личен идентитет. За да бидете успешен продавач, треба да се однесувате како камелеон приспособувајќи ја својата личност според човекот што стои пред вас.
Ризикот од преземањето толку многу улоги и преправањето дека се согласувате со лекари со кои всушност не се согласувате е што на крајот се губите самите себеси. Исто така, не ми се допаѓаше културата што се засноваше на невистини.
По само осум месеци, станав менаџер за производи, но предизвиците сè уште беа многу мали. По две години, во друга компанија – „Астра-Синтекс“ (Astra-Syntex) – формирав медицински оддел и станав одговорен за испитување лекови, како и за обезбедување одобренија за лековите од страна на надлежната агенција.
Го избрав најнапорниот пат. Додека сè уште работев во компанијата, студирав медицина и станав лекар; потоа ја напуштив индустријата, станав специјалист по интерна медицина и професор по дизајн и анализа на клинички истражувања.
Ако на еден обичен човек му биде даден рецепт, кои прашања треба да му ги постави на својот лекар пред да го земе лекот?
1. Дали во Вашата ординација примате претставници на фармацевтски компании или добивате некакви бенефити од фармацевтската индустрија, на пример, како консултант, член на советодавен одбор или, пак, учествувате во т.н. бесплатни едукации организирани од фармацевтски компании? Ако одговорот е „да“, треба да си најдете друг лекар;
2. Кои се најчестите штетни ефекти од лековите, а кои се најсериозните, дури и ако се ретки?;
3. Колкава е веројатноста да имам некаква корист од овој лек? Кај повеќето лекови таа веројатност е многу мала;
4. Дали постојат алтернативи на лековите и кои се нивните предности и штетни ефекти? Што ако не преземам ништо – дали по одредено време ќе бидам добро? Повеќето здравствени состојби поради кои пациентите се обраќаат кај својот лекар поминуваат сами од себе.
Исто така, треба да го пронајдете упатството за лекот на интернет и да го прочитате. Честопати тогаш ќе знаете повеќе за лекот отколку вашиот лекар и ќе сфатите дека не треба да одите во аптека за да го земете тој лек.
Според моите процени, лековите што се издаваат на рецепт се водечката причина за смрт – пред кардиоваскуларните болести и ракот, а само психијатриските лекови се третата водечка причина за смрт. Затоа често е разумно да не го следите советот на вашиот лекар во однос на лековите.
Секоја недела читаме наслови за чудотворен лек или револуционерно откритие во медицината. Како може еден Македонец, на пример, да препознае кога една вест се заснова на цврсти истражувања, а кога станува збор за рекламирање?
– Кон ваквите наслови треба сите, кај и да се, да пристапуваат со недоверба. Тие речиси секогаш се лажни. Новинарите, изненадувачки, покажуваат недостиг на критички став кога пишуваат за здравствени прашања и најчесто дејствуваат како „корисни идиоти“ за фармацевтската индустрија. Имам пишувано многу за ова, вклучително и во моите книги:
Зошто новинарството во областа на здравството честопати е доведувано во заблуда?
• Намалениот распоред за вакцинација на деца во САД беше оцрнет во медиумите;
• Вакцинација на новороденчиња против хепатитис Б: Медиумски извештаи што сериозно доведуваат во заблуда;
• Известувањето на BMJ за реформите во вакцинацијата предложени од Кенеди претставува обид за уништување на угледот;
• Обиди за уништување на угледот во традиционалните американски медиуми поврзани со номинациите за нов министер за здравство и комесар на ФДА (FDA);
• Лажниот медиумски наратив за апчињата против депресија, самоубиствата и спасувањето животи.
Разгледајте ја и мојата книга „Кинескиот вирус“ (The Chinese Virus), која е достапна бесплатно и содржи многу примери за медиумски извештаи што целосно доведуваат во заблуда; истото важи и за моите книги „Смртоносни лекови“ и „Смртоносна психијатрија“.

Што точно е клиничко испитување и зошто луѓето треба да се грижат како е спроведено и кој платил за него?
– Рандомизираните испитувања се најреалниот вид истражување што го имаме, но повеќето испитувања на лекови ги спроведуваат фармацевтски компании, а во многубројни статии и книги е докажано дека не можеме да веруваме во она што се објавува во нашите најпрестижни медицински списанија, како што се The Lancet, BMJ и New England Journal of Medicine.
Јас сум еден од оние истражувачи што го документирале ова безброј пати. Исто така, ги споредив извештаите од испитувањата во престижни списанија со извештаите од клиничките студии што фармацевтските компании ги доставуваат до регулаторите за лекови за да ги одобрат своите лекови и документирав дека сериозните штети, дури и смртните случаи, вклучувајќи самоубиства, а исто така и обиди за самоубиство, се изоставени во објавените извештаи.
Неодамна документирав како „Мерк“ (Merck) извршил измама на повеќе начини со нивниот лек за вакцина против ХПВ, „гардасил“ (Gardasil), што вклучуваше отфрлање на извештаите за сериозни невролошки штети. Бев експерт во тужба за ова.
Може ли просечниот пациент да му верува на својот лекар и што би му рекле на лекар што се чувствува навреден од Вашата критика?
– На лекарите не може да им се верува кога се во прашање лековите бидејќи тие убедливо најголемиот дел од информациите за лековите ги добиваат од фармацевтската индустрија. Луѓето не треба да се чувствуваат навредено кога другите ја кажуваат вистината, напротив, треба да ја поздрават бидејќи изнесувањето на вистината за лековите спасува животи.
Два дена по излегувањето на мојата книга, во која се тврди дека организираниот криминал претставува деловен модел за големите фармацевтски компании, Петер Шварц, претседател на данските медицински здруженија, жестоко ја нападна во еден весник, со наслов „Петер Гецше целосно ги премина границите“ – на што јас возвратив. Тој се обиде да одбрани систем кој е невозможно да се одбрани прибегнувајќи кон лаги и лични напади.
Шварц изјави дека сум изнел такви скандалозни тврдења – дека медицинската професија е составена од извикани криминалци, а индустријата е мафија – што тоа граничи со нечесност. Инуитите велат дека, ако замавнете со камшик над глутница кучиња за влечење санки, она куче што ќе почувствува болка – ќе завива.
Кога некој денес би Ви рекол дека го следи сè она што го пишувате, што би го советувале да не прифаќа здраво за готово, без претходна проверка, дури ни кога станува збор за Вашите тврдења?
– Луѓето може лесно да проверат дали она што го пишувам е точно бидејќи секогаш наведувам извори за своите тврдења. Никој досега не докажал дека сум згрешил.
Што е тоа во современата медицина за кое верувате дека навистина функционира добро и со која човештвото може да се гордее?
– Вакцини и антибиотици. Големите сипаници се искоренети. Пред појавата на вакцините една третина од населението во многу региони умирале од големи сипаници. Чумата исто така однела многу животи, но денес може да се лекува со антибиотици.

Како може еден човек да знае дали одреден третман му е навистина потребен или не и со кого би требало да разговара пред да донесе одлука?
– Јас не верувам во работи; донесувам заклучоци врз основа на факти, а фактите се сосема јасни. Нашето население е изложено на прекумерни дози лекови и мораме да ги користиме лековите многу помалку отколку што тоа го правиме денес.
Се обидов да им помогнам на луѓето сами да ги пронајдат потребните информации наместо слепо да им веруваат на своите лекари, што всушност и не може да го прават. Во 2019 година ја објавив книгата „Опстанок во свет со прекумерна употреба на лекови: Проверете ги доказите сами“, која досега е преведена на 7 јазици.
Што би можеле медиумите и новинарите да направат нешто корисно кога пишуваат за здравството и што би требало читателите да бараат од нив?
– Медиумите се толку вчудовидувачки некритични што за нив би било многу лесно да се подобрат. Новинарите секогаш треба да наведуваат дали луѓето што ги интервјуираат имаат судир на интереси – и за каков судир станува збор, но, се разбира, треба редовно да интервјуираат и лица што немаат никаков судир на интереси, како и оние што се критички настроени кон новиот, таканаречен чудотворен третман.
Каков совет би му дале на некој млад човек кој денес почнува да студира медицина или навлегува во истражувачка работа? И која е најтешката лекција од Вашата кариера за која посакувате да сте ја научиле порано?
– Не сум научил никакви тешки лекции за кои би посакал да ги имав научено порано.
Од дедо ми ги наследив собраните дела на данскиот филозоф Серен Кјеркегор, а тој ги наследил од својот татко, кој ги дал да се подврзат со кожа додека живеел во Мадрас. Кога почнав да го читам Кјеркегор, сфатив дека тој е многу помудар од двајцата Французи (Ками и Сартр, кои исто така биле егзистенцијалисти). Тој рекол дека, ако не се избереш себеси, не го избираш животот.
Мојот совет до младите е да останат верни на своите идеи и идеали. Многу е поинтересно да се чекори по патеки поинакви од оние на другите; така често ќе откриете работи што другите ги пропуштаат. Ако станете истражувачи, истражувајте длабоко – таму се закопани „скелетите“.
И не дозволувајте да ве поколебаат вревата и вресоците на оние што ги закопале тие скелети верувајќи дека никој никогаш нема да ги пронајде. Сомневајте се во сè. И не верувајте во ништо за што нема докази. бдн/дј
Фото: принтскрин
Линкови до делата на проф. д-р Петер. К. Гецше:
https://www.scientificfreedom.dk/books/
https://www.madinamerica.com/2024/04/prescription-drugs-are-the-leading-cause-of-death/
https://pgtzsche1.substack.com/p/why-is-healthcare-journalism-often
https://pgtzsche1.substack.com/p/reduced-us-childhood-vaccination
https://www.madinamerica.com/2023/08/media-false-narrative-depression-pills/
https://www.scientificfreedom.dk/books/
https://www.saxo.com/dk/deadly-psychiatry-and-organised-denial_peter-c-goetzsche_epub_9788771596243
https://pgtzsche1.substack.com/p/merck-settles-lawsuits-about-serious
https://www.saxo.com/dk/survival-in-an-overmedicated-world_peter-goetzsche_epub_9788770364300




