Околу 71 отсто од граѓаните на Европа поддржуваат формирање армија на Европската Унија, додека 78 проценти од испитаниците во земјите-членки на Унијата сметаат дека треба да се зајакнат нејзините одбранбени капацитети во соработка со НАТО. Тоа покажуваат резултатите од спроведеното истражување на безбедносниот тинк-тенк ГЛОБСЕК (GLOBSEC) за 2026 година, објавени во бриселски „Политико“.
Поддршката за формирање европска војска е забележана во сите анкетирани земји-членки на ЕУ. Најголема е во Романија, каде што идејата ја поддржуваат 82 отсто од испитаниците, потоа следуваат Литванија со 78 и во Франција со 75 отсто.
Во Полска и Бугарија поддршката изнесува околу 70 отсто, додека во Германија е 69 отсто.
Резултатите од истражувањето доаѓаат во време кога европските влади расправаат за начините на зајакнување на воените капацитети, во услови на продолжен руско-украински конфликт и се поголема неизвесност околу посветеноста на САД на безбедноста на Европа.
Истражувањето на ГЛОБСЕК опфатило испитаници во 14 земји од трансатлантскиот простор, од кои 11 членки на ЕУ, како и од Украина, Обединетото Кралство и од САД.
Поддршката за развој на европските воени капацитети не значи и отфрлање на НАТО. Околу 77 отсто од испитаниците во анкетираните земји-членки на Алијансата изјавиле дека би гласале за останување во НАТО, додека 78 отсто од испитаниците во земјите-членки на ЕУ поддржуваат развој на сопствени одбранбени капацитети на Унијата паралелно со Алијансата.
Повеќе од третина од испитаниците во анкетираните европски земји сега ги сметаат САД за закана по безбедноста. Таков став имаат околу половина од испитаниците во Германија, Франција и Велика Британија, во споредба со приближно една третина во земјите од Централна и Источна Европа.
Германија е единствената анкетирана земја во која мнозинството испитаници го сметаат Вашингтон за безбедносна закана.
Германија се издвојува и според ставовите за руската инвазија врз Украина. Околу 40 отсто од германските испитаници се согласуваат со тврдењето дека односот на Украина кон рускојазичното население ја оправдува инвазијата, додека 39 отсто сметаат дека Западот ја предизвикал војната.
Таквите ставови се совпаѓаат со помалата поддршка за Киев. Нешто повеќе од половината од испитаниците сметаат дека одбраната на Украина е важна за безбедноста на Германија, додека речиси шест од десет испитаници би прифатиле Украина да отстапи територии во замена за мир.




