Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, во одговор на новинарски прашања појасни дека предложеното решение за полагање на правосудниот испит предвидува два дела, при што теоретскиот ќе може да се полага и на албански, турски или англиски јазик, а практичниот дел ќе биде исклучиво на македонски јазик и на неговото кирилско писмо.
– Не постои таков правосуден испит кој во целост се полага на албански јазик. Второ, решението што е испратено до Венециската комисија е следно – правосудниот испит се полага во два дела. Првиот дел е оној во кој се полага теоријата што е содржана до додипломските студии. И законот вели дека секој оној што го формирал своето високо образование во Македонија на јазик поинаков од македонскиот, може да избере тој дел да го полага на јазикот на кој го формирал своето високо образование. Такви се три опции – на албански, турски и на англиски. И вториот дел, а тоа е делот во кој се симулираат два судски процеси – кривичен и граѓански. Овој дел се полага на македонски јазик и на неговото кирилско писмо – рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба детска градинка во Гази Баба.
Тој истакна дека е јасна одлуката на Венециската комисија на Законот за употреба на јазиците и оти правосудниот систем има пристап само франка лингва, односно принцип, а тоа е владеење на правото што се брани и се напаѓа на еден единствен јазик, а тоа е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
– Вториот дел од мојот одговор. Претпоставувам, сведоци сте на она што го прави Демократската унија за интеграција. Јас жалам што по 20 години и неколку министри на ДУИ, не направиле никаков исчекор во решавање на овој проблем и сега дрско се обидуваат да нападнат некој што се труди да направи чекор. Тоа е дрско однесување. И таквото однесување само служи за потпалување меѓуетнички тензии, нешто што најмалку ни е потребно како држава. Ова не е етничко прашање, ниту политичко. Ова е прашање на владеење на правото. Имаме владеење на правото или немаме владеење на правото? Впрочем, ако го видите извештајот на Европската Унија, ќе забележите дека таа повикува да се најде веднаш решение во рамките на Уставниот суд за употребата на билингвализмот или двојазичноста, односно повикува на она што го говори Венециската комисија – рече Мицкоски.
Премиерот ги повика граѓаните да не наседнуваат на овие обиди од страна на опозициската ДУИ, која, како што рече, имаше повеќе од 20 години можности, неколку министри, дузина функционери да го решаваат прашањето.
– Оваа Влада најде начин, седна заедно, најде решение, што го испрати до Венециската комисија, и сега од таму чекаме мислење – заклучи Мицкоски.
Во однос на изјавите на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, дека ќе излезат од Владата доколку се усвои законот за правосудниот систем, Мицкоски рече дека Владата е стабилна.
– За ставот на Димитриевски, ќе го прашате него. Инаку, Владата се избира со мнозинство во парламентот. Тоа мнозинство е 61 пратеник, ние имаме мнозинство во моментот, кое е многу повеќе од 61 пратеник. Така што, Владата е стабилна, односно најстабилна во овој дел на Европа, можеби и пошироко, и продолжуваме да испорачуваме за граѓаните она што е важно за нив – потенцира Мицкоски.
Премиерот рече и дека со Димитриевски разговарале за лидерска средба и посочи дека коалициска лидерска средба е планирана за декември.
На новинарско прашање дали по изборите во Брвеница, „Вреди“ ќе има помалку функционерски места, Мицкоски рече дека нема намера да биде жртва на дневна политика и ќе го почитува она што е договорено во јуни 2024 година.
– Ова не е прашање на математика, туку е прашање на суштина, која е договорена уште при формирањето на владината коалиција во јуни 2024. И апсолутно тука јас немам намера да бидам жртва на каква било дневна политика затоа што зборот е збор. И зборот е даден до 2028 година кога ќе бидат редовните парламентарни избори. Ние имавме разговор со лидерството на „Вреди“. И одлучивме, откога ги дефиниравме другите позиции за некои други теми што се важни за државата во периодот што следува, на работно ниво, на кадровски партиски комисии да се искристализираат овие предлози – рече Мицкоски.
Фото: Принтскрин




