Придобивките од „One stop“ се веќе видливи, потенцираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на неговата Фејсбук-страница, по денешното промовирање на системот на граничниот премин „Ќафасан“.

– Денеска на ГП „Ќафасан“, во присуство на премиерите Христијан Мицкоски и Еди Рама, го промовиравме системот „One stop“ за заедничка гранична контрола меѓу Македонија и Албанија. Со ова го заокружуваме процесот на воспоставување на системот „One stop“ со нашите соседи надвор од Шенген-зоната, по претходната имплементација со Србија и Косово. Придобивките од овој модел веќе се видливи. На ГП „Табановце“, по воведувањето на „One stop“, времето на чекање во одредени периоди се намали од неколку часа на околу 30 минути и покрај зголемениот патнички сообраќај за 15 до 20 проценти – истакна министерот во објавата.

Тој нагласи дека истото се очекува и на ГП „Ќафасан“ – побрз проток на патници и возила, помалку непотребни задржувања, поедноставени процедури и подобра координација меѓу граничните служби.

Министерот додаде дека целта е граѓаните да поминуваат помалку време на границите, а граничните контроли да останат ефикасни и безбедни.

– Продолжуваме со модернизација на граничните премини, дигитализација и зајакнување на регионалната соработка. Бидејќи секое скратено чекање значи повеќе време за граѓаните, полесно патување и подобри услови за туризмот и економијата – порача министерот.

Позитивните искуства од заедничките контроли со Србија, како и од граничните премини Блаце – Хани и Елезит и Јажинце – Глобочица со Република Косово, како што посочи, претставуваат основа за натамошно унапредување на граничното управување и со Република Албанија.

Со новиот систем на Ќафасан се овозможува координирано спроведување на граничните проверки на едно место, со што се избегнува непотребното повторување на процедурите и се создаваат услови за побрз и поефикасен премин на границата.

-Ова е особено значајно за граѓаните на двете држави, за туристите и за превозниците, имајќи го предвид интензивниот сообраќај на овој граничен премин, особено во летната туристичка сезона. Покрај олеснувањето на патувањето, системот придонесува и за подобра координација меѓу граничните служби, поефикасна размена на информации и зајакнување на прекуграничната соработка истакна министерот.

Министерството за внатрешни работи, како што посочи, продолжува со активности за модернизација на граничните премини, дигитализација на процедурите и унапредување на соработката со соседните држави, со цел обезбедување побрз проток на патници и стоки, повисоко ниво на безбедност и подобри услуги за граѓаните.

Воведувањето на „One Stop“ со Албанија е уште еден конкретен резултат на регионалната соработка и потврда дека со заеднички решенија границите можат да станат побрзи, поефикасни и побезбедни. бд/дма/

Фото: Фејсбук-страница на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски