Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од фБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)
Понекогаш, онака од нигде никаде, ќе ми дојде на ум Карнегиевата комисија и нејзиниот извештај за Балканските војни. За тоа како биле колени луѓето, масакрите врз нив, како една девојка била силувана, а потоа и биле ископани очите, па пак силувана и на крај убиена и… и никогаш не ми беше јасно каков човек треба да бидеш за да го направиш тоа.
Ама потоа, само по себе, некако во главата си доаѓаат Хитлер и логорите, па мозокот те враќа назад во римско време и распнувањата на крст, па оттаму оди кон Иво Андриќ и неговиот „Мост на Дрина“, кога го набиваат на колец оној маченик, а Турчинот-џелат внимава тоа да го стори така што колецот ќе го набива без да му повреди некој дел од кичмениот столб за жртвата да не умре веднаш, туку да преживее што подолго и што повеќе да се мачи. Исто како и со распнувањето – идејата е распнатиот да се мачи што повеќе, а не да умре веднаш, па затоа Пилат бил изненаден од краткото време во кое Исус се измачувал пред да почине.
И така доаѓаш до мислата дека всушност, отсекувањето на главата со секира или меч или гилотината во Франција, всушност биле „благороден чин“ кон жртвите. Можете да замислите: некого го ставате на дрвено трупче, му ја отсекувате главата, ама тоа сепак се смета за еволутивен напредоок на човештвото во однос на некои други методи.
И оттаму доаѓам до денешницата. Сега е 2026 година, кај нас барем, вакви нешта веќе нема (во светот се случуваат и тоа како се случуваат и применуваат најсурови методи на измачување), ама ние, со духот не сме отишле понапред. Секојдневно ги гледаш десетици, стотици и илјадници кои за некаков ситнеж од некое евро плус и од злобни пориви на нивната душа кои потекнуваат од нивниот животен неуспех, наспроти успехот на другите, се подготвени да газат преку тела и преку лешеви. Само што времето е такво, реков во 2026 година сме, не е ни 1913, ни 1941, а не е ни времето на Римјаните и Исус, па физичките измачувања се минато, ама сеедно, немам дилеми дека таквите бедници не би имале проблем да го прават истото што се правело во минатото. Зошто? Затоа што такви им се душите. И затоа, кон нив не треба да се има милост.
И, сум рекол илјада пати досега, дека ние нема да отидеме, нема да мрднеме ни чекор напред ако не го смениме нашиот ментален склоп. Ама грешка сум бил. Не е до менталниот склоп. До нашите души е. Оние предавнички, бескруполозни, брутално себични, бедни и мизерни, не души кои мислат само на себе, кои се ставаат на прво месо, туку души кои својата благодет ја гледаат на сметка на предизвикување на несреќа на другите.
И ете, така ми станува јасно, по повеќе од половина век, дека ние никогаш нема да мрднеме ни за сантиметар нанапред ако не се воздигнеме над тие бедни души и ако не ги поразиме. Не во физичка смисла. Далеку било. Затоа што сме 21 век, но и затоа што бедотијата треба да биде тука, покрај нас, за да не потсетува секој ден, секој час, секоја минута, секоја секунда, какви не треба да бидеме, ние и нашите деца. И да ги држиме со носот над водата, за да не останат без воздух, но не и над тоа додека не ја научат лекцијата. И тие и ние.
И јасно ми е дека за да го постигнеме тоа, потребно е целосно рестартирање на системот. Ни треба нова куќа. Ама, ако се суди по првото интервју на новата обвинителка за организиран криминал, Хаџи Василева, на која и во ден кога носот и тече до долниот дел од брадата, сепак отрчала на интервју на ТВ, демек да се слика, да ја видат, дека засега од тоа нема ништо. И дека ако ја гледаме третата власт која и натаму е целосно колабирана, станува јасно дека тој столб од нашата држава нема поим која е неговата улога во тоа ресетирање на Македонија, кое треба да биде дел од поразот на бедните души на Достоевски (од „Браќата Карамазови“, од „Злосторство и казна“ и од „Бесови“). Нема поим од тоа дека ако не ги порази предавниците на оваа држава, сеедно какви се нивните односи со сегашната актуелна власт, ако не ги порази оние т.н. колеги од СЈО вгнездени во обвинителството, ако не ги порази судиите, ако не го порази Кацарска-Рускоска умот, ако не ги поразат оние сурија судии кои заѕидале стотици илјадници евра (зар Мицкоски треба да ги споменува судиите на Врховниот суд, како врв на дон Корлеоновската мафија во Македонија), ако тоа не се случи, тогаш нема ништо од бизнисот, како што се велеше во онаа реклама од пред 25-26 година кога Груевски ги воведуваше фискалните апарати и фискалните сметки .
Не сум убеден дека тоа им е јасно и на сите во актуелната влада, за опозицијата и да не зборувам, а за нас во новинарството, тоа изгледа речиси невозможна мисија, бидејќи глупавоста и предавништвото мораш да ги поттикнеш да исчезнат, као динаосаурисите, а не да ги поддржуваш. Да, понекогаш нема да ги препознаеш од прва, понекогаш мора да направиш компромис со нив, па и да ги воздигнеш, но сето тоа има смисла само ако идејата е после тоа, на крај, да ги треснеш од земја. Ама онака, како што се крши чаша во пијана, зачадена од дим од цигари кафеана. Да се распрсне на илјаднци парчиња кои не можат да се соберат. Се друго е само обична заебанција, да ми простите на изразот. Што се однесува и на поголемиот дел од нашите т.н. интелектуалци.
И кога сум кај обвинителката, би било добро од речникот да го исфрли зборот „тера“. Таа вели дека обвинителството „ги тера случаите со задоволителна динимака“. Јас, колку што знам, се тераат оние крави во Крива Паланка кои цела недела се главна тема во државава (Бог да чува и да брани, ама тоа е согласно еволутивниот степен на нашиот мисловен апарат), ама случаи од организиран криминал се водат, се процесуираат, или што би рекол оној бугарски обвинител од времето, Татарчев – од нас зависи дали ќе дишеш, а не се „тераат“. И апсолутно, динамиката не е задоволителна. Ама, ете, тоа е тоа.
Патем, оној обвинител, кој од прва не побара притвор за тепачот на Сара од Охрид, уште е на служба? Уште го плаќаме? Не е избркан од работа? Слушам некој си адвокат како ни држи лекции за притворот, демек не била јавноста таа која знаела кога треба, а кога не треба притвор. Се разбира, нели, зашто јавноста е глупава, па не знае дека ако тепачот, кој го прашува татко му каде да го фрли телото на девојката, мислејќи дека таа е мртва, ако биде пуштен на слобода, можеби ќе претепа уште на првиот чекор и некоја друга девојка. Нели? Ама таа јавноста треба да го плаќа и судијата и обвинителот, а во крајна линија, по приватна линија и адвокатот, и да молчи, нели?
Ама тоа ти е. Нашите правни факултети изгледа се како социјални установи. Не служат за едукација на студентите, туку за тоа да имаат родителите каде да ги остават децата на по неколку часа, сеедно што тие веќе наполниле 18 години. Ене, погледајте го само несудениот шеф на бившото СЈО, кој требаше да седне во фотелјата во која потоа седна Катица Јанева, Калајџиев, а кој давал правно мислење (во случајот со Ѓоко Ристов) дека судија не можел да биде гонет. И се ви станува јасно.
Како и да е, додека се ова не го решиме, нема да имаме ниту евро повеќе. Ни за пензии, ни за плати, ни за ништо (иако пензиите во овие две години пораснаа како никогаш досега). Ќе имаме самобендисани фунционери, „напалена“ како тинејџер опозиција, ќе се вртиме во круг плукајќи по еден или друг, ама ќе тапкаме во место.
А, патем, додека ние си играме играчки со нашите бедни и мизерни души и со кравите од Крива Паланка, Европа и натаму војува со Русија и како да не гледа дека Си Џинпинг лично го пречека Доналд Трамп додека овој се симнуваше од авионот (како возратен гест и длабока, огромна почит поради тоа што истото го стори и Трамп кога Си Џинпинг долета во САД), а истиот тој Трамп за Владимир Путин вели: „Кој е тој? Тој е мојот пријател“! Со три извичника. А на страшна, сериозна вознемиреност и шокираност на Европа. И на формалниот врв на НАТО, каде некаков си функционер е Шеќеринска. Хе, што е можеби добро. Инаку ќе беше некаков професор овде и ќе ни учеше децата. На што и да е, ама на ништо арно.
А Трамп, истиот речник го употребува и за кинескиот претседател, а за пријателството, лично и државничко меѓу Путин и Си Џинпинг нема што многу да се зборува. И така, додека светот влегува во нова ера, ера во која трите велесили го делат и преуредуваат светот, но исклучиво во интерес на мирот и економскиот напредок, а во што една од клучните работи ќе биде дали Трамп ќе ги порази своите јастреби, старата дама се изолира, економски назадува, оставајќи го просторот за Кина која делува како електрична локомотива наспроти парна. И за тоа не е виновен Пекинг, како што за нашите трагедии не ни се виновни соседите.
Хмм. Мислам дека е доста е за ова неделни редови. Имаше некои „Јадро“ наполитанки на акција, одам да видам каде овие моиве ги сокриле и патем да ви препорочам: не купувајте дигитални ваги за мерење телесна тежина од 1 500 денари. Секогаш покажуваат повеќе. Земете си некоја од 300-400 денари преку интернет. Тие после 50-60 кг заглавуваат. И ги обожувам.




