До Собранието на Република Македонија досега не е стигнат предлог за автентично толкување на член 22 од Законот за Специјалното јавно обвинителство, изјави вечерва собранискиот спикер Талат Џафери, откако вчера обинителот Љубомир Јовески најави дека Јавното обвинителство на РМ ќе го поднесе.
– .До овој момент, до Собранието, односно до мене, не е доспеан предлог за автентично толкување на овој закон. Државниот јавен обвинител е еден од надлежните органи или институции кој може да покрене постапка и процедура за автентично толкување на закон, во случајов Законот за Специјалното јавно обвинителство, рече Џафери вечерва во изјава за медиумите по потпишувањето на решението за претседателските избори.
Сè друго е во рамки, како што рече, на медиумското препукување на институциите, односно на судската власт меѓу себе, нагласувајќи дека според Деловникот тој, кога ќе го добие барањето за автентично толкување, ќе го процесуира во собраниска процедура.
Тој појасни дека сите предлози и барања што доаѓаат до Собранието, а се однесуваат на процедурата на законодавтството, истовремено се објавуваат и на веб-страницата на Собранието и тој материјал се доделува и до пратениците.
– Во тој контекст нема ништо што може да биде затскриено по однос на потребата и обврските кои ги имаме сите ние, рече Џафери.
Од новинарите беше прашан и за изборот на неговиот баџанак Нури Бајрами за член во Антикорупциската комисија, на што тој одговори дека во изборот биле вклучени пратеници, претставници на невладин сектор, медиуми и институции.