Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува утре да има првични сознанија околу истрагата за вчерашната автобуска несреќа на автопатот Скопје-Тетово, кај село Ласкарци, во која загинаа 14 лица, а 37 лица беа повредени.
Вечерва, како што најави во интервју за 1 ТВ, ќе се изврши разговор во полициска станица со возачот на автобусот.
– Истрагата трае, увидот на настанот е завршен, утре ќе можеме да очекуваме првични сознанија околу аспектите кои ги гледа истрагата. Вечерва ќе имаме разговор во полициска станица со возачот на автобусот и врз основа на сите тие наоди ќе добиеме која била причината за оваа голема трагедија, рече Спасовски.
Тој упати благодарност до институциите на државно и на локално ниво, кои како што рече реагирале бргу и ефикасно, на лекарите и медицинскиот кадар од јавното и приватното здравство, а ја потенцираше и солидарноста на граѓаните.
Наспроти таа слика, како што вели, чувство на човечки пораз создава говорот на омраза на социјалните мрежи за што Министерството за внатрешни работи веќе покренало пет постапки.
– Тоа е чувство на човечки пораз, лично, чувствувам дека како луѓе неможеме да се издигнеме пред се, дека сакаме да се почитуваме меѓу себе, туку напротив, можеби политичките, верските и националните поделби ги ставаме пред човечкиот живот што е нешто најсвето. Таков говор на омраза апсолутно ме прави понижен и поразен кога доаѓа дури од универзитетски професор, рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи информира дека се работи на откривање и на други профили на социјалните мрежи преку кои се ширел говор на омраза.
– Веќе се поднесени соодветни пријави во надлежните јавни обивнителства во Скопје, Струмица и во Куманово и секако дека ако се случуваат и во наредните денови ќе имаме реакција, рече Спасовски.