Република С. Македонија за нас не е само земја сосед, туку и пријател и стратешки незаменлив партнер, изјави албанскиот премиер Еди Рама на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев, кој престојува во официјална посета на Албанија.

– Односите меѓу двете земји се базираат на трајни принципи и вредности, кои не обединуваат како држави, кои и припаѓаат на Европа и кои ќе бидат заедно во европското семејство, изјави Рама, пренесува агенцијата АТА.

Нагласи дека посетата на премиерот Заев доаѓа во момент на значајното историското постигнување како што е Преспанскиот договор и отворањето на патот за Македонија кон НАТО, за што, потсетува, Албанија веќе го ратификуваше Протоколот за пристапување во Алијансата.

– Ова големо историско достигнување е плод на лидерството на Заев и на нашиот заеднички пријател Ципрас. Со Договорот од Преспа беше надминат долгогодишниот ќорсокак и се отвори патот  за членство на С. Македонија во НАТО. Тоа исто така созададе и голема позитивна енергија за натамошен напредок на заедничкиот пат за интеграција во ЕУ, истакна меѓу другото Рама.