По вчерашното потпишување на договорот Заев-Ципрас, од денеска почнуваат чекорите за негово спроведување.

Македонската Влада се очекува денеска на седница да го усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. Откако ќе биде доставен до Собранието пратениците треба да гласаат и да го усвојат со обично мнозинство, односно со мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник, што значи дека 31 треба да гласаат „за“, за договорот биде ратификуван.

Потоа следува негово испраќање до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Спроведувањето на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешните процедури. Но, доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.