Ниту општината Карпош, ниту пак Град Скопје, имале механизација за средување на депонија како таа на кејот на Вардар кај салата Борис Трајковски, која завчера беше запалена и мораа да интервенираат од противпожарната бригада.

Градоначалниците Стефан Богоев и Петре Шилегов кои ветуваа зелен Карпош и зелено Скопје велат оти немале ниту механизација, ниту пари за да расчистат толку многу ѓубре од депонијата, на два километри од центарот на Скопје, која била стара половина век.

– Заедно со градоначалникот Шилегов од самото доаѓање на функциите забранивме наши екипи да депонираат отпад на оваа локација. За чистење е многу тешко. Општина Карпош нема таков капацитет ниту машини, вели Богоев, градоначалникот на Карпош.

И градоначалникот Шилегов вели дека за расчистување на таа депонија и Градот Скопје нема капацитети.

– Град Скопје откако сум градоначалник расчисти 300 диви депонии. За оваа локација потребна е голема механизација и пари кои во моментов Градот ги нема, вели Шилегов.

Но, зелениот град на Шилегов има капацитети и механизација за фалење на Фејсбук со расчистени буништа од приватни дворови.

Логично се наметнува прашањето: Како може не само општина, туку и град кој нема капацитет да расчисти една поголема дива депонија, да се промовира за зелен град? Треба ли некој друг град од Македонија да најде капацитет да ја исчисти дивата депонија такаречи среде Скопје, за да стане зелен град или и за тоа ќе ги (зло)употребиме НАТО и ЕУ?

Погледнете ги објавите на проектите на Шилегов за Скопје како зелен град, само во последниве денови, а во врска се расчистувањето депонии.