Како политичка партија ние партиципираме во Собранието на државата со новата придавка. Учествуваме во процесите на институциите кои се дел од државата со новата придавка. Но, ако мислите дека јас во моите говори ќе ја употребам таа нова придавка, нема да ја употребам, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето гостување во ТВ21.
Тој потенцира дека и во функција на премиер, оваа придавка нема да ја употребува.
-Ова е за мене Македонија и Македонија ќе остане. За да се случи промена на Уставот, ние чесно пред граѓаните ќе излеземе со две понуди. Се знае, за да се промени Уставот, за да отидеме ние чекор назад, мора да имаме 80 пратеници и услов Бадинтер. Ме прашувате зошто го употребувам името Македонија. Јас ви давам одговор, никогаш нема на митинг, на состанок, да го употребам името со новата придавка, рече Мицкоски.
Еден од водителите го праша како ќе ја вика земјата утре ако биде премиер.
-Грев ли е да викам Македонија? Нека ми го земат мандатот. Кажувам отворено, никогаш нема да ја кажам придавката на новото име. Никогаш, нека ми го земат и мандатот, рече Мицкоски.
Тој истакна дека е против Преспанскиот договор затоа што се менува името и идентитетот.
– Ние имаме против содржината на тој Преспански договор затоа што цврсто веруваме дека на тој начин некој се откажа од македонскиот идентитет. И тоа е мое право како Македонец, да имам различно мислење, затоа што се чувствувам навистина погоден. И тоа го потврди премиерот. Замислете, авионот доцнел, немаше време за химната, за да потоа излезе премиерот и кажа дека не ја пуштиле химната за да не му направат на Ципрас дополнителни проблеми. За каков бетон на Заев со арматура и идентитет зборуваме? Како кула од карти му се урна тоа, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека партијата не е против Законот за јазици, но бара тоа да биде согласно Уставот и владеењето на правото.