Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли, преку социјалната мрежа Фејсбук им порачува на Албанците во Македонија да гласаат за кандидатот кој го гарантира патот кон ЕУ и НАТО.
„Го ценам непречениот развој на претседателските избори, како и делумните локални избори во Република Северна Македонија. Овој процес претставува уште еден чекор во демократската зрелост на оваа земја. Албанците ја збогатија политичката понуда со кандидатурата на професорот Блерим Река и со поддршката на консензуалниот кандидат. Сега е време што во вториот круг во името на унапредувањето на нивниот статус во уставната рамка, Албанците да се здружат во поддршка на тој кандидат кој го гарантира патот, без враќање назад, кон евроатланската интеграција на Република Северна Македонија. Така, албанскиот глас ќе тежи повеќе и тие ќе ја зголемат својата политичка тежина во институциите како рамноправни граѓани на соседната држава“, напиша Пацоли на својот фејсбук-профил.
На оваа негова изјава прва реагираше Гордана Сиљановска-Давкова која го повика Пацоли да не се меша во претседателските избори.
„Немам ништо против добрососедски односи, но ваквата изјава е невообишаена низ призма на начелата на ОН за немешање во внатрешните работи. Граѓаните Албанци знаат кому да го доверат својот глас. Тие со апстиненцијата покажаа дека не се доживуваат како објекти за политичко пазарење. Јас лично, никогаш не сум правела разлика помеѓу студентите Албанци и студентите Македонци, пријатели Албанци и пријатели Македонци. Ми препишуваат квалификации на албанофоб. Тоа е навредливо и квалификација што не држи. Отворено изјавувам дека во ЕУ се оди само со беспоштедна битка со корупцијата, криминалот и непотизмот. Корист од овој модел ќе имаат и младите и постарите. Резултатите од битката со сите овие процеси ги нема. Нема да добиеме почеток на преговори. Потребни се европски процеси, а не колнење“, рече Сиљановска.
Таа за власта рече дека за 18 месеци доживеала колапс од 200.000 гласа, што, според неа е неминовен пораз на следните парламентарни избори.