Тренерот на Лос Анџелес Клиперс, Док Риверс беше казнет со 50.000 долари од Националната кошаркарска асоцијација (НБА), откако пред неколку дена си дозволи јавно да ја спореди ѕвездата на Торонто, Каваи Ленард со легендата Мајкл Џордан.
Од раководството на НБА ги толкуваат зборовите на Риверс како обид да извлече корист од претстојниот преоден рок, во кој Ленард ќе биде слободен агент. Според американските медиуми, Клиперс е еден од главните претенденти за потписот на играчот.
Во кратка репортажа емитувана на „ЕСПН“, Риверс изјави дека „Ленард е најблискиот играч до Џордан, кој сме говиделе“.
– Има многу одлични играчи. Леброн Џејмс е феноменален, Кевин Дурант е феноменален. Ленард не е Џордан, но е најблиску до него. Тој има големи раце, игра со грб кон кошот, може да реализира. Располага со одличен отскок, одличен дефанзивец е, а освен тоа може да шутира и од тројка, изјави Риверс.