Земјите од ЕУ не се обврзани да ги прифаќаат бродовите со спасени мигранти, изјави денеска портпарол на Европската комисија.
Тој истакна дека меѓународното право ги обврзува екипажите на бродовите да помогнат при катастрофи.
Според него, спасувачите во таков случај мора да се придржуваат кон владините наредби на државата кон која се упатиле.
Портпаролот одговараше на прашања во врска со бродот „Си-воч 3“, кој беше закотвен во Медитеранот 14 дена со десетици спасени мигранти, покрај брегот на Либија.
Бродот вчера влезе во италијанските територијални води на островот Лампедуза, и покрај забраната на италијанските власти. На бродот на 12 јуни се качија 53 мигранти, а подоцна Италија се согласи да прифати само 11 од нив.
Европската комисија денеска соопшти дека се обидува да посредува во изнаоѓање земја на ЕУ која ќе ги прими мигрантите од „Си-воч 3“.
Засега ниту една европска земја не изрази отворена подготвеност да ги прифати мигрантите.