Кошаркарите на Будуќност се први финалисти во овогодишното издание на регионалната АБА лига, откако со 2:0 во победи го елиминираа во полуфиналето тимот на Морнар.

Во вториот натпревар одигран синоќа во Бар, екипата на Будуќност триумфираше со 92-81 и со тоа ја потврди победата од 97:88 од првиот натпревар одигран во понеделникот во Подгорица.

Во второто полуфинале, екипата на Игокеа, предводена од новиот македонски кошаркарски селектор Драган Бајиќ, го израмни резултатот во победи (1:1) против Црвена ѕвезда со победа во вториот натпревар на домашен терен од 81:68 и противникот на Будуќност во финалето ќе биде познат по третиот дуел што е на програмата во вторник во Белград.