Адвокатот Дончо Наков денеска побара ослободителна пресуда од Кривичниот суд во Скопје за своите клиенти, откако обвинителот Дарко Јакимовски во завршните зборови за тепањето на пратеникот Зијадин Села за време на настаните во Собранието на 27 април минатата година, рече дека на обвинетите може да им се суди за тоа што го направиле, но не смее да им се суди за тоа што го мислат.
– Единствен факт што Села останал жив е тоа што напаѓачите мислеле дека е мртов и тоа го спасило… Обвинетите биле свесни во каква опасност биле пратениците во Собранието во моментот кога толпата влегла во законодавниот дом, рече Јакимовски.
Тој додаде дека на камерите се гледа дека Александар Јаневски – Тошта со рака го повлекува Зијадин Села од аголот на прес-салата и го дава на толпата која, според сведоците, сакала да го линчува.
– Во претепувањето учествувале сите обвинети освен Александар Јаневски и Андреј Георгиевски, рече Јакимовски појаснувајќи ги пред Судот поединечните дејствија за сите обвинети за време на нападот врз Села.
Според вештачењето на Институтот за судска медицина, две од повредите се сериозна закана за здравјето на Села и има нагмечување на мозокот.
Адвокатот Дончо Наков побара од Судот ослободителна пресуда за обвинети Кире Георгиевски и Николче Димитриевски.
Според Наков, обвинетиот Кире Георгиевски треба да одговара за еден удар врз Села, но не и за убиство, затоа што после ударот Села станал и се обидел да се движи.
– Доколку сакал можел да го убие додека го носел со уште неколку лица кај докторот, рече Наков.
За обвинетиот Николче Димитриевски, Наков рече дека во обвинението има само една реченица и оти нема никакво дејствие за убиство на Села. Додаде дека според анализите на снимките Димитривески е многу далеку од оштетениот.
На последното рочиште во врска со овој случај на Стојан Павлевски му беше изречени казна затвор од три години, а на Цејо Георгиевски една година и два месеци. Во казната на обвинетите им се пресметува и времето поминато во притвор. Павлевски и Георгиевски треба да ги намират сите трошоци.
Првично во овој случај беа обвинети десетмина, но Обвинителството пред да се започне со завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков, за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.
За обид за убиство на Села, според новиот обвинителен акт, обвинети се Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.