Не сум ги обвинил телевизиите Алфа и Телма, јас само сум иритиран од тоа што го слушам на ТВ Алфа од сограѓаните Македонци кои со говор на омраза зборуваат против Албанците, дека Албанците ќе ја преземаат државата, дека Македонија станува Албанија се до навреди упатени до Артан Груби и до Бујар Османи, изјави вечерва претседателот на ДУИ Али Ахмети, коментирајќи ја вчерашната негова изјава од Чегране што предизвика реакции од јавноста.

– Оваа земја е наша заедничка. Мора заедно да ја изградиме. Мора заедно да одиме напред. Заедно мораме да придонесеме за членство во ЕУ, рече Ахмети во вечерашната емисија Клан дебата на ТВ Клан.

Ахмети вели дека во ДУИ нема криза, туку внатрепартиска дебата. Потенцира дека со претставниците од т.н. огнена група нема програмски разлики, туку дека разликите се поради функции.

– Во ДУИ нема криза. Има внатрешна дебата, која никогаш не сум ја цензурирал, ниту сум користел автократски средства за да го угушам различното мислење во ДУИ, но не и да се дозволи анархија бидејќи анархијата е штетна за сите. Нема програмско незадоволство, нема незадоволство околу визијата, едноставно „зошто е тој, а не јас”, зошто да е Хасан, а не Хисен, рече Ахмети.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Левица преговараат за да обезбедат мнозинство од 61 пратеник за, како што рече, „да ја закопаат ДУИ”.