Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во маркети низ Македонија открила мелено месо за ќебапи и плескавици со пилешко кое било декларирано како свинско, говедско или мешано (говедско и свинско).
Месото е повлечено од продажба, а операторите со храна се парично казнети – со по 5.000 евра како правен субјект, односно со по 1.700 евра одговорните лица во компанијата.
Како што изјави за МИА директорот на АХВ Зоран Атанасов, контролите биле спроведени во мај годинава, но продолжуваат за да се заштитат потрошувачите и да се задржи квалитетот на производите.
– Кај пет оператори со храна утврдивме дека не ја декларираат употребата на живинско месо, а го ставаат во ќебапи или плескавици. Сега тоа го стопиравме. Направивме контроли директно во продажба кога првпат го утврдивме ваквиот пропуст. Земавме мостри од месото во маркетите, а резултатите што ги добивме од ДНК анализата за потеклото, од кој вид животно е, беа позитивни. Се потврди дека во тие производи е употребено живинско месо, рече Атанасов.
Операторите не знаеле дека се земени мостри за анализа. Испитувањето е повторено уште еднаш, директно од производствената линија. Резултатите тогаш се потврдиле уште еднаш.
– Првите контроли ги направивме во маркетите и поголемите продажни места зашто се со повисок степен на ризик поради масовната продажба. Сега одиме понатаму, кон операторите. Но, веќе сите знаат дека вршиме контроли. Тоа го покажаа и последните анализи во кои нема никакви показатели за вакви малверзации, објасни директорот.
Тој напомена дека е сменет начинот на земање мостри. Прво, како што рече, се прават проверки во продажба, а потоа кај операторот.
– Порано се земаа производи директно од кај операторот и се носеа во лабораторија, а сега, може да произведувате во Скопје ама производот да го провериме во маркет во Гевгелија, потенцира Атанасов.
Осврнувајќи се на она што Агенцијата го сработи изминатиов период во делот контроли, Атанасов информира дека е утврдена и спречена и друга манипулација – продавање механички обработено пилешко месо декларирано како мелено. Месото било увезено од Грција.
– Пред една година, кога дојдов на фунцкијата, затекнав, иако не беше дозволено, како по маркетите слободно се продава, со декларација, живинско мелено месо кое всушност кај нас е забрането, а и во Правилникот воопшто не постои таква категорија – „живинско мелено месо“. Всушност, стануваше збор за механички обработеното месо познато како МОМ кое спаѓа во најризичната категорија доколку термички не се обработи и е најевтино. Практично, се вршела злоупотреба. На етикетата, наместо да стои МОМ, пишуваше „живинско мелено месо“, вели директорот и додава дека ваквата малверзација е веќе стопирана.
Исто така, откриени се и производи во кои има масти од растително потекло, а не се декларирани. Тие призводи се повлечени од продажба, а операторот е соодветно санкциониран.
– Ригорозни контроли правиме и во овој дел. Ако граѓаните забележат такво нешто, слободно нека ја известат Агенцијата за храна, напоменува Атанасов.