Алемка Маркотиќ, директорка на Клиниката „Др. Фран Михајлевиќ“ во Загреб, во синоќешните вести на хрватската ТВ Нова, истакна дека вирусот Ковид 19 може да остане во носот и до 25 дена. Оттука, според неа, изолацијата треба да трае не помалку од 28 дена, па ако тестот биде негативен тогаш лицето може да се смета за здраво.
Што се однесува до Хрватска, таа истакна дека земјата е во некој стандард на држави во кои 80 отсто од заразените имаат благи симптоми.
„Но како што ќе минува времето, бројот на средно и на тешко болни ќе се зголемува. Но, кај оваа болест уште учиме“, истакна таа.
Маркотиќ додаде и дека терапијата сега се сведува на борба со симптомите.
„Во болницата се применуваат шемите за лечење кои се препорачани, а тоа се клорикин, хидроклорикинин и ритонавир, иако има информации и за обиди за лечење со други лекови“.
Според неа, тие со благи симптоми треба да бидат дома.