Алое вера е билка која од дамнина е позната како еликсир на долговечноста. Поради својата хранлива вредност и исклучителните лековити својства, ја нарекуваат „Кралица на лековитите билки“.

Низ светот оваа билка е попозната како Aloe vera Barbadensis Miller. Името го добила по ботаничарот Милер, кој ја открил на островот Барбадос, и ја сместил во регистарот на лековити билки.

Зборот алое потекнува од арапскиот, сирискиот и хебрејскиот најзив „алоех“, што значи „исклучително горчлива материја“, што укажува на горчливата жолта течност, односно сок кој го содржи билката, а се наоѓа непосредно под тенкото кожесто ткиво, односно кора.

Алоето е хранлива билка за секоја клетка на човечкиот организам. Кога клетката е здрава, таа е отпорна и способна да ги врши сите функции кои и’ ги дала природата. Билката заради свој сопствен опстанок во оскудни околности развила богато количество на витамини, аминокиселини, ензими и минерални материи, за да го обезбеди својот опстанок.

Самата лековитост на aлое вера се наоѓа во компонентите кои имаат различни и специјални енергетски вредности. Алоето е билка која спаѓа во семејството лилјани, и во светот се познати повеќе од 250 видови од кои само 4 имаат лековитo дејство, од кои најлековита е aлоe вера.

Со сечење на листовите и нивно пресување се цеди сок кој се стабилизира со папаја, а има и хранлив и лековит ефект кој го даваат повеќе од 200 активни состојки на алое вера потребни за секојдневно функционирање на секоја клетка.

Оваа билка природно расте само во подрачјата со топла и сува клима (најдобри услови се таму каде годишната просечна температура е над 22 степени Целзиусови, на пример Карибите и Мексико).

Здрави состојки:

Научниците востановиле дека гелот од алое вера содржи повеќе од 240 хранливи и лековити состојки, од кои витамини А, Б1, Б2, Б3, Б6, Б12, Ц, Е и фолна киселина.

Од минералите, богата е со повеќе од 20: гелот содржи магнезиум, манган, цинк, бакар, хром, калциум, калиум и железо.

Мукополисахариди: имуномодулатори (помагаат кај СИДА, карцином, имунолошки пореметувања), антиоксиданси, имаат противвоспалително, антибактериско и антивирусно делување.

Аминокиселини (потребни за синтеза на белковините): На човечкиот организам му се неопходни 22 аминокиселини кои се неопходни за изградбата на белковини. Гелот од алое вера обезбедува 20 од овие аминокиселини кои не е можно да се произведат во организмот и кои поради тоа мора да се земаат преку храната.

Антракинини: Најважни меѓу нив се алоинот и емодинот, но сите заедно претставуваат моќни аналгетици, и признато им е дека поседуваат антибактериски и бактерицидни својства. Во чист облик, тие се и моќни лаксативи.

Ензими (вкупно 16): поважни се протеаза, амилаза, липаза и целулаза (помага при варењето на белковините, јаглените хидрати, мастите и целулозата).

Сапонини: Ова се сапунасти, пенливи супстанци кои имаат антимикробијален ефект против бактерии, вируси, габи, и квасеци како што е кандидата.

Стероли: Трите главни меѓу нив делуваат како моќни антиинфламаторни (антивоспалителни) агенси.

Алое верата е многу моќно средство при борбата со многу болести и медицински состојби. Меѓу нив спаѓаат и: подобрување на работата на бубрезите и жолчката, регулација на шеќерната болест, зачувување на здравјето на срцето и крвните садови, олеснување на болката при болести на имунолошкиот систем и негово зајакнување, ублажување на симптомите кај алергиите, намалување на воспаленијата на респираторниот систем, намалување на болката во зглобовите, ревмата, остеоартритисот и остеопорозата, ги лекува болестите на очите во форма на капки за очи, ја негува кожата и успешно се бори против кожните болести.