Инсулинскиот скандал во кој се вклучени Министерството за здравство и Венко Филипче, Агенцијата за лекови и медицински помагала, како и Дирекцијата за стокови резерви, се состои од уништување на инсулин чиј што рок на користење е сеуште употреблив, истакна денеска Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Имено согласно информациите до кои дојдовме на 5 декември, пред два дена е извршено уништување на над 1 тон и 200 килограми инсулин, од кој речиси половина тон од уништениот инсулин, а чија пазарна вредност може да достигне од 1.5 милиони евра е со валиден рок на употреба до месец јуни наредната година. Значи нашите непотврдени информации говорат дека е уништен употреблив инсулин чиј рок на траење не е истечен, во висина од 1.5 милиони евра, рече Андоновска и додаде:

„Оттука се наметнуваат следниве прашања и дилеми:

Дали причината зошто се уништува инсулин кој е со не истечен рок на траење е поради фактот што треба да се распише нов тендер кој ќе обезбеди солидна заработка за магнати блиски до власта?

Доколку ова е очно кој ќе ја сноси одговорноста што врз буџетот се прави штета приближно од 1.5 милиони евра?

Која е вистинската причина зошто се дава одобрение за уништување на инсулинот кога се знае дека тој има валиден рок на траење уште повеќе од половина година?

Дали со овој инсулински скандал некој сака да заработи на грбот на граѓаните?

Дали инсулинскиот скандал во кој се уништени половина тон инсулин со валиден рок на траење, треба да обезбеди нов милионски тендер за власта“.