Поминува веќе втор ден, а МНР официјално не реагира на срамното негирање на македонскиот јазик од страна на високи државни претставници на Португалија, изјави денеска Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Изјавата на Андоновски ја пренесуваме интегрално:

Државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш не зборува само во свое лично име. Таа не е ниту политичар во пензија, ниту пратеник од опозиција, ниту независен аналитичар. Таа зборува за македонскиот јазик како дел од бугарскиот доаѓајќи од официјална позиција на Португалија. Таа се наоѓа на највисоко политичко ниво во Европа, во време кога Португалија претседава со ЕУ.

Изјавата дека македонскиот јазик потекнува од бугарскиот, не претставува ништо друго освен откривање на тајните и заткулисни игри кои Зоран Заев ги игра со Бугарија. Не треба да се заборават и неговите изјави дека јазикот кој се зборува во македонска Струмица и бугарски Петрич е еден ист јазик.

Штом високи португалски претставници од кои доаѓаат предлози за разрешување на билатералниот спор за македонскиот јазик зборуваат дека македонскиот јазик бил дел од бугарскиот, очигледно тоа било дел од преговорите кои Заев и Бучковски ги имале со бугарскиот претседател Румен Радев. Она што Зоран Заев веќе со месеци го крие од македонскиот народ е токму она за кое зборува Закаријаш во својот брифинг со новинари. Непротивењето на овој обид за создавање нов вештачки јазик од македонскиот јазик, покажува на што сѐ се спремни пулените од власта за да го заштитат своето лично богатство на сметка на Македонците.

Во исто време, македонското МНР молчи и не испраќа официјална нота до Португалија за поведението на нивен носител на врвна државна функција. Нема реакција до амбасадата на Португалија. Нема заштита на македонскиот јазик. Нема одбрана на македонските национални интереси.

Македонскиот јазик е темел на македонската држава. Јазикот е еден од најзначајните постулати на државноста и идентитетот на народот. Секое непочитување и незаштита на македонскиот јазик од страна на носителите на најважните функции на државата претставува кривично дело против државата.

На владата на Заев не може да ѝ се верува кога вели дека ги брани македонските национални интереси.

Затоа, бараме:

Прво – Веднаш и без одлагање МНР да ја објави јавно комуникацијата со португалските колеги за да докаже дека протестирала на сквернавењето на македонскиот јазик.

Второ – Кабинетот на Зоран Заев да ги објави стенограмските белешки кои мора да ги имаат од средбата со бугарскиот претседател Румен Радев. Да видиме дали се преговарало за негирање на македонскиот јазик или се бранеле македонските интереси.

Доколку власта остане нема на овие барања на ВМРО-ДПМНЕ, ќе сметаме дека изјавата на Закаријаш е всушност она за што преговарал Зоран Заев.