Имаме 2.700 нови вработувања, стотици институции на 2 месеца пред избори, одеднаш увидоа потреба, да распишат огласи за нови вработувања кои претставуваат 2 отсто од јавниот сектор, истакна дополнителениот заменик министер на Министерство за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски на денешната панел дискусија, организирана од Институт за економски стратегии и меѓународни односи Охрид.

-Бројот на огласи расте за над 60% во споредба со годините кога нема избори. Обемот на работа делумно се намалува во предизборниот период и логично би било институциите да распишуваат огласи по избори, а не пред нив. Но одамна никој не бара логика во чекорите на владата, посочи Андоновски.

Тој напомена дека за дел од оние кандидати за вработување, чии постапки не се завршени, има неофицијални информации дека дел од нив трпат притисоци за организирање лица за гласање на изборите.

-Се стремиме да станеме земја-членка на ЕУ, а за да бидеме таму мора да станеме држава што ќе има придонес кон економскиот развој, а не товар кој тие треба да го носат. Навистина е срамно да во нацртот на реформската агенда, ЕУ да ни обезбедува програмски средства и финансии за вработените да започнат да се појавуваат на работа, додека државата пред избори да распишува огласи за 2.700 нови вработувања, објасни Андоновски.

Андоновски го коментираше и недостатокот на институциите кои имаат надлежност да се борат со корупцијата.

-Кај нас, последни за криминалот и злоупотребите, дознаваат надлежните институции кои треба да ги превенираат истите. Цела Македонија сведочи за масовниот предизборен поткуп со илјадници вработувања, само надлежните институции не го гледаат тоа. Министерството за информатичко општество и администрација, дури и се обрати до комисијата за регулирање на систематизации и годишните планови, при што од таму се прогласија за ненадлежни, дополни Андоновски.

Тој се осврна и за незаконското доделување бонуси за зголемен обем на работа на вработените неколку месеци однапред, иако воопшто не се знае дали тие ќе одат на работа или не.