Состојбата со пожарите во земјава постојано се менува. Додека некои се локализираат или целосно се ставаат под контрола, други избувнуваат. Секој час се отвораат нови жаришта. Се дејствува со сите расположливи сили и ресурси, но временските услови – високите температури и силниот ветер, ја усложнуваат ситуацијата.

Од вчера на целата територија на државата е прогласена кризна состојба која ќе трае 30 дена, а Главниот штаб за управување со кризи ја презема координацијата за борба против пожарите.

Донесен е и Акциски план за превенција и справување со пожарите.

Надлежните велат дека според системот на делување, за 20 до 30 минути, со едно јавување, се обезбедува помош по барање на противпожарна единица или општина. Се дејствува по принципот на приоритети при што клучни се човечките животи и објектите, а нивите и нискостеблестите шуми се во втор план. Тие воедно апелираат да не се шири паника меѓу населението и ги повикуваат граѓаните совесно да се однесуваат, да бидат екстремно внимателни, зашто доволна е само мала искра од електричен уред или отпушок од цигара за да избувне пожар.

-Состојбата се менува од минута во минута, а сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесуваат за брзо ширење на постоечките пожари и појава на нови жаришта, рече директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Според него, постојат одредени сомнежи дека се работи за намерни палења зашто некои од пожарите одеднаш избувнуваат. Но, тоа ќе го истражи МВР.

Вчера, полицијата од СВР Битола лиши едно лице од Лева Река, осомничено дека го предизвикало пожарот во селото при што изгоре нискостеблеста шума.

Како што информира ЦУК, во гасење на пожарите на терен се околу 300 војници од Армијата. Дејствуваат и трите хеликоптери од Србија. Од Бугарија се дојдени 25 пожарникари со 11 возила, од Словенија 40 пожарникари со 16 возила, а од Австрија се очекуваат 120 пожарникари со 40 возила. Се бара поддршка и со воздухоплови.

Најкритични се Делчевско – пехчевскиот регион, Кумановско и Прилепско каде има 18 пожари. И во Скопје вчера беа активни 18 пожари, а пожарникарите за само 2,5 часа интервенирале преку 20 пати. Гореше и кругот на фабриката „ОХИС“, но пожарот беше локализиран.

Влада одлучи Дирекцијата за заштита и спасување да добие 15 000 литри млазно гориво и 5 000 литри нафтени деривати за справување со пожарите од стоковните резерви без надомест. Согласно одлуката, Агенцијата за стоковни резерви е задолжена да отстапи 5 000 литри Еуродизел без надомест, за противпожарните возила.