Страшо АНГЕЛОВСКИ

Најверојатно најпоставувано прашање минативе месеци е токму тоа – во која насока ќе се движи политиката, посебно онаа надворешната, на САД, по доаѓањето на Џозеф Бајден на чело на државата.  И, што може светот и човештвото да очекуваат од администрацијата на Бајден за која во најава веќе се знае дека ќе биде продолжение на Клинтон – Обама кадровските решенија.

Ако тргнеме од тезата на еден од најголемите јужноамерикански поети и мислители од минатиот век, Едуардо Галеани, според кого, од појавата на неолибералната, глобалистичка идеологија, поточно, методологија на владеење, светот живее во воена економија и култура на војната, можеби е повеќе од јасно што треба да очекуваме. Згора на се’, доколку се исполни најавата дека “милитантната“ Викторија Нуланд се враќа во администрацијата на Бајден како државен подсекретар, станува повеќе од јасно дека “културата на војната“ е четиригодишната иднина на човештвото.

Имено, Нуланд веќе изјави дека “САД треба да застанат на чело на демократијата на светот заради поефикасна борба против Москва“, за да, замислете, во име на “демократијата“, на Москва и ги подигнеле трошоците за конфронтација и милитаризација. И сето тоа, нормално, со засилено вооружување на “светската демократија“ и нови постојани воени бази на источната граница на НАТО.

Ова јасно зборува дека основна насока на американската надворешна политика за Бајден и неговата администрација ќе биде натамошно ширење и зајакнување на американските позиции преку НАТО алијансата, кон границите со Русија, што ќе значи нови провокации, нови воени и хибридни закани за мирот во Европа и светот. За да се постигне ова, САД ќе се обидат да го засилат своето присуство во Украина и дури да предизвикаат руско – украински воени судири на истокот на Украина; ќе работат на создавање на уште една нефункционална држава по примерот на Украина и Македонија – Молдавија, во која треба да инсталираат “продемократска“ власт, која ќе им овозможи зголемено присуство во црноморскиот регион.

Од друга страна, ќе се обидат да ги “дисциплинираат“ своите сојузници во НАТО, пред се’ Турција која во ерата на Ердоган покажа суверена и независна политика во сите области, а посебно во сферата на сопствената воена безбедност, купувајќи руски системи С-400. Следна, како членка на НАТО, ќе биде Германија, која мораат да ја “дисциплинираат“ заради реализација на проектот за сопствена енергетска независност преку изградбата на рускиот гасовод “Северен тек 2“.

Потоа, следува “дисциплинирање“ на земјите членки на ЕУ кои покажуваат поголема доза на суверенитет од дозволената, нормално, според американското Клинтон-Обама-Бајден неолиберално, глобалистичко сфаќање на демократијата. Најпрво Орбанова Унгарија, потоа Полска, а веројатно на ред ќе дојде и една Франција, заради желбата да биде лидер на ЕУ, но и  доколку Макрон и неговите министри продолжат со суверенистичката реторика која ја користат од денот на доаѓање на власт.

За да го оствари својот милитантен план, Бајден полека но сигурно, како свој верен соработник, ќе ја промовира постбрегзитска Британија. И не случајно, веќе наредниот самит на Г-7, седумте најразвиени “демократии“ во светот, ќе се одржи наскоро токму во Британија а, како гости, ќе бидат поканети уште три држави, меѓу кои и “демократска“ Индија. Индија, преку која САД би дошле зад грбот на Иран, но и во стомакот на Кина.

Што се однесува на нашето најблиско опкружување, на иднината на Балканот во идните четири години, доколку покрај Нуланд, во администрацијата на Бајден своето место го најде и нам добропознатиот Филип Рикер, политиката на САД на Балканот е повеќе од предвидлива. Најпрво, ќе се изврши невиден притисок врз Србија за признавање на независноста на Косово и брза имплементација на Косово во меѓународните организации. Вметнувањето на војници од нелегалната косовска армија преку армијата на САД во структурите на НАТО, е само почеток на тој процес. Потоа ќе следува обид за насилничко поништување на Дејтонскиот договор и рекомпонирање на Босна и Херцеговина во унитарна држава.

Иако е извесно дека ништо од ова не може безболно да помине, тоа ќе биде тест за американско-руските односи и обид да се испровоцира руска неконтролирана реакција што може да биде уште како опасно, посебно за Балканот. Згора на се’, ќе значи отстранување на германското и повторно зголемување на американското влијание, посебно на Косово. А којзнае, можеби до споменикот на Бил Клинтон, во Приштина ќе биде изграден и споменик на Џо Бајден, што ќе зависи од развојот на настаните.

И конечно, што ќе се случува со Македонија по доаѓањето на Бајден на власт?

Едноставно, ќе продолжи ароганцијата на неспособните и, неспособноста на арогантните. Власта, преку своите министри, ќе продолжи да ве учи како по црни патчиња да стасате до Штип доколку немате пари за патарина; како да зготвите два килограми месо во два месеци и да се чувствувате среќни; како да работите по 12 часа за да си купите шал од 300 евра и да бидете горди на тоа; како на неполни 30 години да си купите вила на Водно од 1.300.000 евра; како да славите победа на локални избори надвор од протоколи, да возите нерегистрирани мотори вредни над 30.000 евра; да славите роденден на партиски лидер во државни простории, со државни пари и без маска на лице заради чие неносење веќе се казнети илјадници сиромаси; како…

Ќе продолжи режимот на демократура (демократија + диктатура), во кој еден мал дел од македонскиот народ во лицето на Заев и соработниците, помогнат од малцински групи и заедници, ќе ги погазува интересите на мнозинството од македонскиот народ. Арогантно и неспособно.

Ароганцијата ќе се зголемува бидејќи, нели, власта во САД е денес “нивна, неолиберална, глобалистичка“. Па, ќе продолжат да удираат по македонскиот народ, а да коленичат и да се извинуваат на сите, буквално, на сите останати. Тоа ќе води кон натамошна поделба и целосна дезинтеграција на македонското општество, што, помогнато од политиките на Рикер и Нуланд, може да доведе и до дезинтеграција на државата.

Од друга страна, ароганцијата е најлошиот соработник на власта. Невидената ароганцијата во бришењето на предметот по историја, во бришењето на катедрата по македонски јазик, во потпишувањето анекс со Софија и покрај противењето на научната и целокупната јавност. Невидената ароганција со која се тепа сопствениот народ, која само го зголемува народното незадоволство , кое, еден ден, ќе доведе до внатрешна експлозија на слободната мисла, која ќе разнесе се’ што е корумпирано, арогантно, ненародно и антимакедонско.

Зашто арогантните и неспособните, оние со шал од 300 евра, со имоти од милиони евра, со златни сервиси за јадење, мора да знаат и дека многу арно не е за арно.

(авторот е претседател на МААК)