Страшо Ангеловски
Приказната за Боро и Рамиз, за денешниве генерации изгледа како сцена од “Невозможна мисија“, осмо продолжение, а за оние највозрасните, посебно оние заљубените во поранешната Југославија, во братството и единството и неговите придобивки, кое на крај се претвори во најкрвавата војна во Европа после Втората светска војна, како легенда за вистинско другарство.
Боро и Рамиз, односно Боро Вукмировиќ и Рамиз Садику биле партизани заробени од непријателот кои, според легендата, додека ги воделе на стрелање, толку силно се гушнале што не можеле да ги раздвојат, па ги убиле со само еден куршум. Тоа е приказната за другарството меѓу еден Србин и еден Албанец која завршила на 10 април 1943 година во Призрен, на денот на нивното стрелање.
Денес, овде, во Македонија, поточно во Охрид, се раѓа една нова легенда за нераскинливото другарство – легендата за Спиро и Нефи. Легенда која на некои идни генерации можеби ќе им изгледа како сцена од “Невозможна мисија“, но денес и овде навистина се случува.
Откако Спиро Топаловски, пред очите на сопственото дете беше претепан со удари со револвер по глава од страна на веќе востоличениот охридски насилник Нефи Усеини и, откако покрај во полицискиот извештај и во сите медиуми во државава беше регистриран случајот и, конечно, откако се очекуваше да профункционира правната држава, што ќе беше сосема нормално во секоја нормална држава, се случи чудо и започна легендата.
А, легендата вели вака – некој непознат револвер удирал во главата на Спире се додека не го раскрварил. За негова среќа, тука се нашол Нефи кој храбро влетал во битка со револверот и некако успеал да го оттргне Спире од неговите удари. Потоа, онака другарски, толку силно се прегрнале што, еве, се’ уште не можат да ги разделат, а, ако револверот, не дај Боже испукал еден куршум, најверојатно, како во приказната со Боро и Рамиз, обајцата ќе ги убиел.
И можеби ова до сега напишано е премногу сурово иронично, но, за жал, во држава во која заради доаѓање или останување на власт се ослободуваат од затвор осудени криминалци; во држава во која криминалците градат дивоградби кои, нели, никој не знае чии се и никој (никој, во смисла на државна институција) не смее да ги урне; во држава во која доколку отворено кажеш дека тие криминалци во еден огромен процент се од албанско потекло и токму заради тоа се недопирливи за институциите, законите и правдата, ќе бидеш прогласен за националист, е, во таа држава и иронијата и реалноста се повеќе од сурови.
За жал, еве како веќе половина деценија во Република Македонија, местото на политиката, онаа вистинската, сватена како наука на водење на државата во интерес на сите нејзини граѓани, го зазеде трговијата во својот најнизок облик. Трговија со луѓе и нивното достоинство, како она на Спиро Топаловски; трговија со мафијашките интереси на сопствениците на дивоградби, на Матка, во Охрид, пред Мавровка, сеедно; трговија со гласачи и гласови на изборите; трговија со пратеници и ситни души прикажани како партиски реформатори; трговија со партии, со судови, со обвинителства…; трговија со влијание и државна функција за да си ги спасиш парите од банка што ќе пропаѓа; трговија со сопствената чест и совест за да бидеш во комисија за спречување на корупција и да го оправдаш тој чин и, за жал, она најстрашното, трговија со сигурноста и безбедноста на обичниот граѓанин заради уште малку власт.
Затоа, конечно сите треба да разберат дека во Македонија веќе подолго време не функционира политичкиот систем во кој би егзистирале политички, партиски, идеолошки коалиции, не функционира систем во кој политиката ќе биде вредност, а не средство за богатење и дека единствена коалиција која функционира е онаа на партиските трговци на мало кои презедоа една цела партија и криминалците на големо кои презедоа една цела држава.
Сите треба да разберат дека таквата коалиција која се штити себе си’ со закони донесени по сопствена мерка, мора да биде демонтирана час поскоро. Да биде демонтирана пред таа да ја демонтира целосно државата. Да биде демонтирана со сите средства кои на веќе загрозениот народ му стојат на располагање, на оној народ кој пред себе ја има најтешката есен и зима во последниве педесеттина години, оној народ кој заради коалицијата на ситните политички трговци и крупните криминални интереси, се повеќе ќе осиромашува, ќе останува без работа, без плата, без исплатени земјоделски производи, оној народ, кој без разлика на етничката припадност, е бесрамно прелаган и измамен.
Е, тој народ има право на власт од политичари посветени на неговите, а не на сопствените интереси, има право на подобар живот, има право да си ја планира сопствената иднина, има право да се чувствува безбедно и сигурно.
Тој народ, ќе го парафразирам Томас Џеферсон, има право да ја урне власта и да ја замени со нова доколку не работи во негов интерес. Да ја урне пред легендата за Спиро и Нефи да стане наше секојдневие.
(Авторот е претседател на МААК)