Интересот за инвестирање во земјава е се поголем, изјави вицепремиерот Кочо Аншушев.
Тој рече дека „С. Македонија е на мапата на компаниите што сакаат да го прошират производството.
– Остваривме средби со повеќе компании, се разбира одлуките за инвестирање не се прават по одржување на само една средба. Сепак, еден дел од средбите се и продолжување на контакти со компании со кои сме се среќавале и претходно. Постои инвеститор, во секторот за медицинска опрема, кој сака да отвори фабрика во нашата земја, изјави денеска во Виена вицепремиерот за економски прашања Анѓушев по завршувањето на Виенскиот економски форум 2019 – „Економски разговори во Виена- Нови перспективи за РС Македонија“.
Истакна дека тоа е позната компанија што произведува потрошен материјал за хируршки сали, и е еден од најголемите снабдувачи на овој вид на материјал во Југоисточна Европа и токму затоа е интересот за изградба на фабрика во Македонија.
– Тоа не е прва средба со оваа компанија, со нив разговараме веќе подолг период. Воедно разговаравме со компании од градежништвото, за инфраструктурни проекти, во областа на енергетиката, кадешто имаше заинтересирани инвеститори во делот на обновливите извори на енергија, го отворивме прашањето и за Чебрен, како и со компании од прехранбената индустрија. Можам да кажам дека оние процеси кои беа започнати се продолжени, некои ги приведуваме кон крај, како што е случајот со компанијата од медицинската индустрија, која е при крај во донесувањето на одлука за изградба на фабрика, додека активно работиме и другите компании да ги привлечеме како инвеститори или економски оператори, изјави Анѓушев.
Анѓушев одговараше на новинарски прашања во врска со барањата на компаниите кои присуствуваа на средбите, а кои имаат свои економски операции во Македонија, како и за пројавениот интерес на компаниите за инвестиции во нашата земја.
На новинарско прашање поврзано со барањата на дел од телекомуникациските компании за фискални и парафискални олеснувања со кои би се намалиле цените за роаминг во мобилната телефонија кон други земји, вицепремиерот одговори дека барањето ќе биде разгледано со сериозност со цел да се обезбеди поевтин роаминг за македонските граѓани во комуникациите со други лица од земјите на Европската Унија.
– Со оглед на тоа дека тарифите во мобилната телефонија во сите земји од ЕУ се изедначени, граѓаните од овие земји практично во која земја од ЕУ се наоѓаат имаат бесплатен роаминг и разговорите ги извршуваат како да се наоѓаат во сопствената земја. Северна Македонија сѐ уште не е дел од ЕУ, но Владата прави напори колку што е можно поевтин роаминг да обезбеди за граѓаните и ќе ги преземеме потребните чекори во насока на обезбедување на поевтини сервиси за граѓаните, нагласи Анѓушев.