Билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка, а од суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот на проширување на Унијата со земјите од регионот на Западен Балкан, порача германската амбасадорка Анке Холштајн во интервју за Радио Слободна Европа.
Холштајн коментирајќи го бугарскиот меморандум испратен до земјите членки на Европската унија нагласи дека Германија и другите земји членки на Европската Унија сметаат дека билатералните проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека тие проблеми треба да се решаваат билатерално.
-Бугарија ги има кажано овие барања на другите земји членки на почетокот на август. Ние и според моите сознанија сите други земји членки се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и С. Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската Унија во овој регион, нагласи германската амбасадорка.
Холштајн се надева дека земјите членки ќе постигнат договор за преговарачката рамка и дека одржувањето на првата меѓувладина седница како заедничка цел меѓу Германија и Македонија, ќе се случи во декември.
-Во делот на политиката за проширување, навистина одржувањето на првата меѓувладина конференција, односно официјалниот старт на разговорите за проширување со С. Македонија е нашата голема цел која е заедничка цел и на Германија и на С. Македонија. Треба во рамките на Европската Унија да се договориме во однос на преговарачката рамка за која моментално се дискутира во Брисел, кога ќе се постигне договор за тоа, може да дадеме и датум за првата меѓувладина конференција и се надеваме дека тоа ќе се случи во декември, вели Холштајн во интервјуто за Радио Слободна Европа, пренесува МИА.