Шест вооружени лица киднапирале и претепале 22 годишно момче во Арачиново поради нерасчистени семејни односи во врска со неговата поранешна вереница од село Арачиново.

Како што соопшти МВР, вчера околу 19:30 часот од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, било пријавено дека бил донесен Н.Р. кој имал повреди добиени од физички напад во село Арачиново.

По преземени мерки, било утврдено дека истиот ден околу 13 часот во село Арачиново на улица „1“, додека Н.Р. управувал патничко моторно возило „Ауди“, две патнички возила му го попречиле патот, при што од истите излегле шест вооружени лица. Притоа, со едно од возилата, го однеле оштетениот во објект лоциран на улица „11“ во село Арачиново, каде физички го нападнале, при што го држеле затворен околу половина час.

Потоа, во објектот пристигнал братучед на Н.Р. кој го пренел истиот во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош.

Оштетениот, како сторители посочил неколку лица од село Арачиново, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот.