Собранието и неговото Координативно тело за спроведување на референдумот имаат целосна доверба во работата на ДИК, во надлежностите на меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, во намерата на невладините организации како претставници на граѓаните кои го набљудуваат процесот,  изјави спикерот на македонското Собрание, Талат Џафери.

Тоа е неговата реакција на изјавата на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев за тоа што Собранието нема да пријави набљудувачи на гласањето на референдумот за Северна, в недела.

– Во суштина, Собранието кое е избрано од граѓаните не може да ги контролира граѓаните, затоа што граѓаните го контролираат Собранието, а не спротивното, изјави Џафери за МИА.

Втор аспект, објаснува Џафери во реакцијата, се финансиите.

– Ајде кажете од каде пари? Кој ќе го финансира тоа? Политичките партии? Па политичките партии немаат право да делегираат набљудувачи. Тие ќе има право доколку се пријавеа во ДИК како учесници, па од сопствени средства да си ги регулираат односите, затоа што Законот за референдум пропишува учесници во пропагандата да можат да бидат сите кои од сопствени средства ќе ги платат трошоците. Сега, како јас да ги вклучам партиите? Како Собранието да им ги плати трошоците? Тоа е работата, рече Џафери.

Тој забележува дека изјавата на Јанушев единствено ја разбира како изјава дадена од дневно-политички побуди и потреби.

– Кој што ќе изјавува е работа на тие што изјавуваат, но треба да се каже дека работите не се такви како што се претставуваат, изјави Џафери.

Инаку, Владата одобри од буџетот повеќе милиони евра за референдумот. Пари за спотови и пропаганда има, но нема и за набљудувачи од организаторот на референдумот, Собранието на Република Македонија.