Македонската револуционерна организација, според стандардите што ги поставил Гоце Делчев, се обидувала да наметне и повисоко ниво на живеење на луѓето. Во врска со ова, војводата за преспанскиот реон, Славејко Арсов, раскажувал:
‘Презедовме мерки да се надмине нечистотијата по куќите, а луѓето да носат почисти алишта и да ги требат вошките. Слушаа, сакале или не. За мажите тоа беше прифатливо, зашто тие беа робје на жените од кои повеќето имаа љубовници Турци, иако беа суви, жолти, подгрбавени, со неразвиени грозотии. И облеката е во согласност со ликата – неубава. И полни се со вошки, дури и во подбрадниците кои им служат за накит. Такви се во селата од Сливница на југ: Арвати, Штрбово, Брајчино, Љубојно, Робје, Герман, Нивици. Се хранат само со лук, праз, пиперки, леќа, грав и суви риби…’.
Во одредени случаи биле спроведувани казни за неодржување на чистотата. Казната се состоела во тепање со стап, обично така што за што дознавало цело село, за казната да служи за пример.

Токму поради тоа, ВМРО и самиот Делчев посебно внимавале на моралот.

Поради тоа, строго го казнувале секој разврат. При престојот на Делчев во Кономалди, Сиљанов ја забележал и следната случка.
‘Тука во Кономлади се’ беше создало едно легло на разврат во кое бргу потпаѓаа и мажите и жените. Некои жени беа опасни поради љубовни врски со Турците’, раскажува Сиљанов.
Според него, Гоце решил да ги вразуми луѓето и да му стави крај на развратот. Кај него доаѓале на исповед, како што опишува Сиљанов, ‘грешници, бесни мајки и сопруги и бараат утеха за себе и казна за врските на своите синови и мажи’.
‘Некоја Лена, млада и неопислива убавица, заведувала млади момчиња и шеесетгодишни старци, ги гоштевала тајно турските бегови и добивала од нив скапи подароци. Некоја Риса, миловодна невеста на заминат во странство јунак, добродушна. но болна и ненаситна, имала голема слабост кон четниците и со не еден од нив имала авантури. Некоја Митра одржувала врски со Турците од Костур и им ги оддавала комитските тајни’, запишал Сиљанов.
Еден ден, му раскажувале другарите, вратата од собата во која се наоѓал Делчев се отворила и влегла една баба. ‘Што има?, ја прашал тој.
– Аман од…!, рекла таа.
– Многу ли го има?, прашал Делчев.
– Многу, цело село, и мојот маж си има!, рекла бабата и заминала.
Според Сиљанов, казната за разврат било тепање, понекогаш до помодрување, додека за оние кај кои ќе се утврдело дека истовремено вршат разврат и предавство, следела егзекуција. Гоце така постапил и во овој случај, па наредил неколку егзекуции.
Посебен проблем биле четниците кои по влегувањето во некое село фрлале око на локалните убавици. Делчев не го толерирал тоа, сфаќајќи дека на тој начин го навлекува бесот на мажите од тој крај, кои во такви случаи полесно се решавале на предавство.