Црната економска тројка во криминалниот картел на власт, Заев – Анѓушев – Тевдовски ја турка Република Македонија во тотален економски хаос, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој го најави новото задолжување од 53,5 милиони евра, што Владата го планира иднава недела.

– Задолжувањето на државата стана секојдневна практика на оваа власт, а нема никакви резултати од тоа. Економијата бележи само раст на задолжувањето, а пад на проекциите на БДП. Бројките се немилосрдни и никаква весела математика на Зоран Заев и трети полугодија нема да ги покријат катастрофалните резултати на оваа неспособна власт. Веќе за идната недела оваа влада најави ново задолжување и тоа од најмалку нови 3,3 милијарди денари односно околу 53,6 милиони евра. Оваа аукција на државни хартии од вредност е најавена за 16-ти октомври, рече Арсовски.

Во рок од три недели наназад, додаде Арсовски, оваа власт веќе по истиот основ ја задолжи за 102 милиони евра.

– Јавниот долг веќе достигна 48,8 отсто од проектираниот БДП. Ако на ова се земе фактот дека растот на БДП ќе биде помал од проектираниот, односно од 3,2 проценти ќе заврши само на околу 1,2 отсто тогаш бројките стануваат загрижувачки. Македонија поради неспособноста на оваа власт повторно ќе биде на дното во Европа по растот на БДП. Во услови кога сите земји од регионот, а да не зборуваме за Европа ќе бележат високи стапки на раст, ние ќе треба да се задоволиме со нешто над 1%. Од земјите во регионот годинава највисок раст ќе имаат Албанија, Србија и Косово 4%, Црна Гора 3,7%, Бугарија 3,6%, БиХ 3,2% и Хрватска 2,8%. Во Македонија може да сонуваме за овие цифри. Ни трага ни глас од 5% или 7% раст кои ги ветуваше Зоран Заев пред изборите. Тоа го потврди и ММФ со последниот извештај, објави портпаролот Арсовски.

Тоа, додаде тој, очигледно е капацитетот на оваа власт.

– Секое ново задолжување само ја покажува неспособноста на оваа влада и ја уништува иднината на генерациите кои доаѓаат, заклучи Арсовски.