Три дена молк од Јавното обвинителство за случајот со 270.000 евра доделени на фризерница. Лидија Димова како актуелна директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, изминативе 3 години е загушена во криминал.

Ова го истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

– Дали од тендери, дали од набавка на луксузни возила, џипови, дали од доделување на грантови загушена е во криминал, а се уште ЈО нема преземено никаков чекор. Цели 3 години се читаат и слушаат скандали низ медиумите со докази за проневери и сомнежи за криминал поврзани со Лидија Димова, а се уште јавното обвинителство и финансиска полиција молчат. Замислете, фризерница која земала 270.000 евра за едукација за медиумска писменост, во 2017 година има завршна сметка со нето добивка од 3.000 денари, а веќе 2018 година откако почнува соработката со Лидија Димова и грантовите, истата фризерница има нето добивка од 2.700.000 денари или фризерница со две столчиња има добивка околу 43.000 евра добивка. Ова е пораст од 2017 во однос 2018 од 85.000% на добивката. Неверојатно е како луксузни салони за разубавување не заработуваат толку огромни суми на пари, а не оваа берберница со 2 столчиња, рече Арсовски.

Но, додаде тој, и покрај ваквите сомнежи, ниту Јавното обвинителство, ниту било кој нема да се осмели да покрене било каква постапка.

– Од едноставна причина затоа што ги штити Зоран Заев и Лидија Димова и сите останати. Ова ќе биде, по се изгледа, уште еден случај каде што има сомнеж за директор на значен од Зоран Заев и СДСМ, близок директор на Зоран Заев каде злоупотребуваат службена должност, јавното обвинителство и Заев го штитат. Лидија Димова да си даде оставка веднаш! Ваков директор не смее да ја води оваа институција. Секој поминат ден како директор во институцијата е ден повеќе да прикрива докази и сокрива документација истото како што се случуваше од Катица Јанева во СЈО, рече портпаролот Арсовски.